Тетово има нов водовод ама изграден со многу маани.Водата е за пиење само кога реката е бистра

Новиот тетовски водовод пуштен во употреба пред две години ретко се користи. Се работи за систем кој се снабдува од површинските води, односно од реките Пења и Лешничка река, изграден на Шарпланиски стрмен терен, каде често има ерозивни процеси.

Водата од овој водовод или е заматена, или ја нема поради честите дефекти на системот, или пак граѓаните добиваат исправна вода за пиење, но со променет вкус и мирис.

 

Вообичаено е велат од Јавното комунално претпријатие Тетово, после секој пороен дожд да има заматување на водата од новиот водовод, оти се работи за систем кој се снабдува од површински води, кои потоа се прочистуваат во филтер станица.

 

Но, ако се работи за енормно заматување, станицата не може да ја прочисти водата и автоматски самата се исклучува.

Доктор Ратко Давидовски, специјалист по хигиена и здравствена екологија, вели дека има решение за заматувањето на водата.Таа пред да влезе во градскиот водоводен систем, може да се прочисти со поставување на таложници во самите реки, од кои водоводот се снабдува со вода.

„Ова може да се надмине со тоа што треба во самата река од каде се снабдуваме со вода да има таложник со коагулација или без коагулација. Коагуланти може да бидат натриум сулфат, ферим сулфат, бакарен сулфат. Има неколку типа на таложници, но најчесто тој е таложен резервоар со прегради и кога имаме матнотија настанува таложење, тоа е предтретман на водата, па пота таа вода оди во филтер станицата и таа вода се филтрира.Од 3 до 6 часа трае таложењето по пат на гравитација и по пат на хемиска реакција, односно негативни и позитивни јони. Настанува таложење и после е лесно да се доведе во безбедна состојба водата“, вели доктор Давидовски.

Доктор Давидовски посочува дека има решение и за променетиот вкус и мирис на водата во есенскиот период, кој настанува како резултат на гниење на лисјата во Лешничка река, чија вода ја користи новиот водовод.

„И после филтрацијата може да имаме третман на водата. Таа може да се кондиционира, зборуваме за речна вода, а најдобро е тоа да се направи со озонирање.Технички тешко е изводливо озонирањето, но ние последователно кажуваме дека корекција на водата може да се изврши и со активен јаглен, пред да влезе водата во филтер станицата, на тој начин ќе добиеме вода без променет мирис и вкус“, вели д-р Ратко Давидовски.

Овие препораки доктор Давидовски, вели дека како Центар за јавно здравје Тетово постојано ги даваат до надлежните. Но, засега од градските власти, ниту пак од ЈКП Тетово, нема некои најави за спроведување на истите.

Новиот водовод, засега ќе се користи, само ако водата во реката е бистра.

Освен заматување на водата, новиот водоснабдителен систем кој се градеше две децении, се соочува и со чести дефекти особено во зимскиот период, причина што тетовци остануват без вода за пиење.

Од ЈКП Тетово, велат дека нивни екипи се постојано на шарпланинскиот терен, каде вршат контроли на новиот водоснабдителен систем, Оттаму се надеваат дека водоводот во текот на зимава ќе биде во добра кондиција, дефекти ќе има, но не со толку големи размери.

Градоначалникот на Тетово Билал Касами, неодамна изјави дека е направена анализа за проблемите со новиот водоснабдителен систем,но без да прецизира колку и какви проблеми покажала таа анализа.

Back to top button
Close