„Тетово сака парк”: Да се стопираат измените во Правилникот за урбанистичко планирање


Иницијативата „Тетово сака парк” целосно ја поддржува и се приклучува на реакцијата на граѓанските иницијативи и независни советнички групи, поради последната измена на Правилникот за урбанистичко планирање, која ја оценуаваат како противуставна и на штета на граѓаните.

И според „Тетово сака парк” потребно е повлекување на тие измени во Правилникот за урбанистичко планирање.

-Министерот на мала врата пробува да „врати” некакви „стекнати” права на инвеститорите во плановите кои биле суспендирани. Истакнуваме дека секој план е подзаконски акт кој само теоретски предвидува можности за иден развој, и како таков не може да гарантира никакви „стекнати” права – особено не доколку ретроактивно се докаже неговата штетност која се суспендира на Совет. По дефиниција, сите цртежи и линии во урбанистичкиот план се апстрактни – тие означуваат граници на правни дејствија, права и обврски. Секој урбанистички план по природа е нормативен – одредува само правила на уредување кои се флексибилни и менливи, и тие не можат да произведуват никакви „стекнати” права сами по себе, соопштија од „Тетово сака парк”.

Повеќето граѓански иницијативи и советнички групи образложија дека „ресорниот министер на нетранспарентен начин, без јавна консултација, исклучувајќи ја стручната фела, самиот го сменил Правилникот за урбанистичко планирање на начин што ќе обезбеди да се градат уште повеќе згради и станови кои нема кој да ги насели”. Барањето е испратено заеднички на граѓански иницијативи и советнички групи: Зелен хуман град, Шанса за Центар, Независни за Карпош, Подобро за Тетово, Стига E – Струмица.

Back to top button
Close