Тетовските пожарникари ќе дежураат цела ноќ: Чад ќе има и во текот на вечерта


Има големи количини на изгорени материјали кои тлеат и затоа сè уште има чад и ќе има и во текот на вечерта, вели командантот на тетовската пожарна
Болните лица и децата да не излегуваат од дома ако немаат потреба или да носат заштитна маска КН 95, препорачуваат од ЦЈЗ-Тетово
И во вечерните часови пожарникарите работат на целосно ликвидирање на пожарот во Тетово, кој во текот на денот беше ставен под контрола и локализиран. Огнот започна во големата управна зграда на поранешната фабрика „Македонија Табак“ и зафати два соседни објекта каде приватна фирма сега произведува и складира градежни материјали. Пожарот беше ставен под контрола и локализиран во управната зграда, додека на останатите два соседни објекти е изгаснат.

„Огнот во текот на вечерта е локализиран и ставен под наша контрола. Сега вечерва уште има чад затоа што целата покривна конструкција од големата зграда изгоре и падна. Имаме големи количини на изгорени материјали кои тлеат и затоа сè уште има чад и ќе има и во текот на вечерта. Затоа цела ноќ е предвидено да дежураме за да се избегне опасност повторно да се разгори огнот. Ова беше еден од најголемите пожари во мојата кариера и сме фрлиле неверојатно големи количини вода“,изјави командантот на тетовската пожарна Ука Алити.
Двајца полесно повредени пожарникари, како и неколкумина кои вдишале чад се последиците за луѓето кои работеа на гасење во пожарот, што избувна изутрината околу 9:30 часот. Од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) – Тетово препорачаа болните лица и децата да не излегуваат од дома ако немаат потреба или да носат заштитна маска КН 95.

„Пожарот е под целосна контрола благодарение на силната интервенција на противпожарните единици од Тетово, Скопје, Куманово, Гостивар, Кавадарци, благодарение на армискиот и полицискиот хеликоптер, но и вработените и други граѓани кои помогнаа во пренесувањето на горливата материја со виљушкари“,

изјави Стојанче Ангелов, директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Како што рече тој, испитување на воздухот направила единицата на Армијата која анализира атомско-биолошка-хемиска опасност.

„Нема опасни гасови во воздухот, отровни гасови. Извршија испитување на воздухот во околината и состојбата од аспект на отровни гасови е безбедна. За секој случај очекуваме дополнително испитување бидејќи има мала веројатност за отровни гасови која можеби нема можност да детектира, но потсетувам имаат врвна опрема од Америка“,рече Ангелов.

Back to top button
Close