Тетовско Непроштено се потсети на убиените и киднапираните во 2001 година 

– Во тетовско Непроштено вечерва се одбележа 19-годишнината од свирепото убиство на Стојан Михајловски и исчезнувањето на Крсто Гоговски, Цветко Михајловски и Васко Михајловски во конфликтот во 2001 година, како дел од 12-те Македонци кои беа киднапирани.

Одбележувањето на годишнината се одржа пред спомен обележјето кое е изградено во 2014 година. Помен трисагија за киднапираните Македонци отслужија свештеници од Тетовското архиерејско намесништво.

– Не само најблиските, туку цело Непроштено тагува сите овие години по нив, тагува Македонија. Засекогаш ќе го негуваме споменот на нив и ќе се сеќаваме на заедничите мигови поминати со нив. Потсетуваме дека Стојан беше свирепо убиен и оставен со денови на отворено, а беше погребан во Брвеница. Крсто беше учителот во ова село, Цветко беше посветен работник и татко, а Васе беше киднапиран само неколку денови по својата венчавка, беше истакнато во пригодното обраќање подготвено од Иницијативниот одбор.

Пред единствениот потсетник спомен обележјето изградено во нивна чест, беше положено свежо цвеќе. Знак на почит им оддадоа семејствата на киднапираните, делегации на политички партии, институции и здруженија.

Со законот за амнестија во македонскиот судски систем се затвори и случајот Непроштено, а со тоа и истражните постапки околу 12 -те киднапирани Македонци. Случајот Непроштено заедно со останатите три предмети во македонскиот правосуден систем беа вратени од Хашкиот суд во 2008 година, со ветување и обврска дека Јавното обвинителството ќе ги истражи, истакнуваат од Иницијативниот одбор.

Back to top button
Close