Тие на кои не им се допаѓаат “црните листи”, рестриктивните мерки и апсењата во Грчец не покажуваат пркос кон САД, туку кон сопствената татковина
Акцијата во скопски Грчец, во селото познато како македонско Корлеоне немаше да успее без политичката волја на власта, но и без податоците од Скај-платформата. Оваа реченица искажана од довчерашниот министер за внатрешни работи е јасен сигнал за перспективата и иднината која ја пружа партнерството со западните сили, особено кога тоа е поткрепено со искрена намера за решавање на нашите најгорливи проблеми.
Создадениот моќен фронт за борбата против корупцијата и високиот криминал резултира со Лимит, првата и мошне значајна операција за лоцирање и лов на регионалните нарко барони.
Јавноста долго време сигнализираше за нивните активности и сметаше дека властите калкулираат со нивното апсење од политички причини, што изгледа логично, но само за лаиците и за тие што не ја сфаќаат широката и разгранета мрежа која овие мафијашки структури ја плетеле години наназад.
Нивните контакти не биле само локални, туку и меѓународни, со врски и конекции по европските транспортни коридори и во државите од Јужна Америка, од каде се набавувале наркотиците. За спроведувањето и изработката на сеопфатен план за кинење на таа мрежа не недостасувале политичка волја. Таа е јасно искажана и при првиот обид со акцијата Планина во 2021 година, која поради поткажувачи во системот, а не поради самиот систем, е пробиена.
Но, зајакната оперативна соработка со Европол, која како исклучително важна ја подвлекува министерот Спасовски, овозможува зголемување на динамиката на активностите. Влезот во групата „Лимит“ која е всушност истражен тим од земјите членки на ЕУ (Франција, Белгија и Холандија) обезбедува ефектуирање на политичката волја за конечна пресметка со оваа банда преку користење на сите информации и податоци од базата на Скај платформата. Оваа апликација за комуникација ја користат најголем дел од високопрофилираните криминалци ширум светот, а преку неа и групата од Грчец ги договарала сите активности. Токму преку неа со помош на партнерите од Европската Унија, детектирани се 16 припадници од оваа група. И не само тоа, туку според најавите, на површина ќе излезат и сите инволвирани лица кои им помагале, а биле вработени во државни институции, како во МВР, министерства, агенции, во судството и во обвинителството.
Оваа соработка е показател дека процесот на интеграција на земјава во Европската Унија во огромна мера ќе придонесе за зајакнување на битката против организираниот криминал и корупцијата, бидејќи со партнерска поддршка, многу полесно и поедноставно ќе може да се разобличуваат сите шеми.
Наместо две, превентивно ќе надѕираат педесет и четири очи, подготвени секогаш да намигнат како знак за интервенција ако се појави каков било тип на злоупотреба.
Особено важна е соработката со САД. Стратешкото партнерство треба да биде продлабочено со усвојување на македонска регулатива која ќе ги санкционира личностите и деловните субјекти за кои тие воведуваат рестриктивни мерки.
Стравувањата дека тоа би го нагризало суверенитетот се нерационални а се базираат на одредени лица или групи кои се вознемирени од можноста за законско санкционирање на тие за кои американските власти располагаат со докази дека учествувале во криминални активности или активности со кои се загрозува мирот и безбедноста на граѓаните.
Загриженоста дека пресумпцијата на невиност ќе биде доведена под знак прашалник е нелогична, особено ако се има предвид фактот дека и досега функционираше законско решение кое се однесуваше на рестрикции врз основа на правни акти од ЕУ или од Обединетите нации.
Во случајов, со додавањето на САД, всушност се дава поголемо значење на нивните напори и заложби за покрепа на државава во справувањето не само со корупцијата и криминалот, туку и со поттикнувачите на конфликти кои можат да влијаат на стабилноста, како во земјата, така во регионот и пошироко.
На американската црна листа се наоѓаат повеќемина македонски државјани, но ниту еден од нив не подлежи на каква било санкција од домашните власти. Со измените, правосудните органи ќе бидат приморани да интервенираат и да ги проверат наводите стасани од Вашингтон и да донесат мериторна одлука.
Тие на кои не им се допаѓа ваквото решение, не покажуваат пркос кон САД, туку кон сопствената татковина и нејзината заложба да изгради цврст систем на борба против високиот криминал и корупцијата.
Фактот дека двете операции се одвиваат речиси во идентична временска отсечка го покажува интересот кој го имаат и ЕУ и САД за Северна Македонија и за нејзината перспектива како стабилен и сериозен партнер, членка на НАТО и со отворена врата за влез во европското семејство.