Тихановскаја го повика Европскиот совет да не ги признава резултатите од изборите во Белорусија

– Лидерката на белоруската опозиција, Светлана Тихановскаја, го повика Европскиот совет да не ги признава резултатите од претседателските избори во нејзината земја, на кои Александар Лукашенко го доби шестиот мандат.

Во ново видео обраќање Тихановскаја истакна дека претседателските избори на 9 август не биле „ниту фер, ниту транспарентни“ и резултатите биле фалсификувани.

-Ве повикувам да не ги признаете овие лажни избори. Лукашенко го изгуби целиот легитимитет во очите на нашата нација и светот. За да се олесни мирното пренесување на власта во мојата земја јас го иницирав Националниот координативен совет на Белорусија. Тој ќе го води мировниот процес. на транзиција на власта преку дијалог. Тој веднаш ќе повика на нови фер и демократски претседателски избори со меѓународен надзор. Драги лидери на Европа, ве повикувам да го поддржите будењето на Белорусија, рече Тихановскаја.

Таа, исто така, ја повика светската заедница да ги почитува принципите на меѓународното право, „суверенитетот на Белорусија и изборот на белорускиот народ“.

-Луѓето кои излегоа на улиците на своите градови низ Белорусија за да го одбранат својот глас беа брутално тепани, затворени и мачени од режимот, кој беше очајно припиен за власта. Стотици беа повредени. Најмалку две лица го загубија животот, рече Тихановскаја, нагласувајќи дека настаните се одвиваат „во центарот на Европа“.

За денеска е закажан онлајн самит на шефовите на држави и влади на ЕУ посветен на состојбата во Белорусија. Според поканата од претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, самитот ќе се одржи на пладне, во формат на видео конференција, јави БГНЕС. сд/

Back to top button
Close