„Тиквеш“ најавува воведување три нивоа на квалитет на грозје

Винарската визба „Тиквеш“ планира од следната берба да воведе три нивоа на квалитет на грозје дефинирани според прецизни критериуми и механизми за мониторинг и контрола на лозовите насади во делот на нивната здравствена состојба, висината на приносот, начинот на наводнување, видот и обемот на агротехничките мерки кои се применуваат, начинот на берба и транспорт на грозјето,…

Како што соопшти „Тиквеш“ , според дефинираните нивоа ќе има и соодветен финансиски надомест.

-Ваквиот пристап што се темели на почитување на стандарди и критериуми за квалитет е веќе одамна воспоставена практика во најразвиените и најпознатите светски вински региони и земји. Неговото почитување е гаранција за долгорочен, стабилен развој на лозарството и целата винска индустрија, кој ќе се базира на производство на грозје со висок квалитет, што ќе донесе и повисоки откупни цени и поголема стабилност и сигурност за лозарите. Истовремено, воспоставувањето и почитувањето на критериумите за квалитет на грозјето се еден од основните предуслови за производство на висококвалитетни автентични вина со висока додадена вредност кои се бараат на пазарите ширум светот, велат од „Тиквеш“ во врска со најновата средба помеѓу раководството и лозарите.

На средбата посебно внимание било посветено на поставување на стандардите за квалитет на винското грозје кои се темелат на најдобрите светски практики и критериуми, како и на барањата на пазарите каде се пласира виното на „Тиквеш“, како и на воспоставување своевидно договорно производство.

-На средбата со лозарите, раководството на „Тиквеш“ информираше дека винарницата е подготвена да го субвенционира подигнувањето нови лозови насади од страна на кооперантите и воедно, во следните 10 години, да го гарантира откупот на лозјето од овие насади, одгледано согласно дефинираните стандарди и критериуми за квалитет. На средбата прв пат беа дегустирани и вина произведени од лозја на кооперанти кои веќе ги применуваат критериумите за квалитет на „Тиквеш“, при што овие вина добија највисоки оценки, наведува винарницата и воедно информира дека ќе продолжи да ги поддржува лозарите во текот на целата година, обезбедувајќи им ѓубрива и заштитни средства со пониски цени, како и бесплатни анализи на почвата, едукација и стручни совети како да постапуваат при одгледување и заштита на лозјата.

Во сегментот на едукацијата, ангажирана е и една од водечките светски консултантски компании во лозарството – Perleuve од Италија, која ќе работи на креирање мапи со прецизно класифицирани лозови насади, при што точно ќе се утврди нивниот потенцијал.

Се дискутираше и за предлогот на „Тиквеш“ за отпочнување на процесот на окрупнување на лозовите насади, преку здружување на повеќе производители, со што би се формирале насади со површини поголеми од 10 хектари.

-„Тиквеш“ е подготвен да го поддржи овој процес преку инвестирање во набавка на соодветна механизација за берба на грозје, со што ќе се овозможи откуп на самиот посед и би се надминал проблемот со недостаток на работна сила за време на берба, кој станува се поизразен, подвлекува винарницата.

Back to top button
Close