Тим билдингот“ за владини административци „тежок“ 80 илјади евра нема да се случи?!

Ќе има или не тим билдинг за владините административци? Ова прашање се отвора откако пред неколку дена Генералниот секретаријат на Владата објави оглас за јавна набавка за тим билдинг на своите вработени, а денеска вели дека тоа е шпекулација.

Според огласот објавен преку електронскиот систем за јавни набавки, за 80 илјади евра треба да се организираат тридневни обуки во Охрид, Берово и Струмица. Во условите се бара сместување во хотели со минимум четири ѕвездички, два полни пансиона, еднокреветни соби и превоз со туристички автобуси од „Илинденска“ до хотелите. Предвидени се седум групи од по 15 до 25 административни службеници, а како критериум за избор е наведена најниската цена. Од Владата денеска за ТВ 24 велат дека се работи за шпекулација.

 

„Не станува збор за било каков тим билдинг туку редовна јавна набавка. Договорот е сукцесивен без обврска за одржување на обуки доколку нема реална потреба и интерес. Ова е редовна набавка која секоја година се прави, минатата година не се реализираше и истата не се спроведе, за разлика од сите години претходно кога се предвидувала и спроведувала оваа јавна набавка.“

 

Од Владата појаснуваат дека станува збор за континуирано стручно усовршување во области како јавни набавки, финансии, ревизија, дигитални вештини и примена на закони, со цел поефикасна администрација и поквалитетни услуги за граѓаните. Иако прашавме како ова се вклопува во најавите за кратење на непродуктивните трошоци и како ќе се мери ефектот од обуките, конкретен одговор не добивме.

 

Наместо тоа, од Владата посочија на стабилизирана економија, намален буџетски дефицит под 4 проценти од БДП, раст од 3,8 проценти во третото тримесечје и постепено намалување на инфлацијата. ОД СДСМ денеска велат дека ова е уште еден пример за луксуз на власта.

 

Постапката за избор на понудувачите трае до 4 март, по што ќе биде познато дали и кога обуките ќе се реализираат.

Back to top button
Close