Тимот на СЗО излезе од карантин и ја почна истрагата за потеклото на коронавирусот во Кина

Тимот на Светската здравствена организација (СЗО) денеска излезе од карантин во кинескиот град Вухан и ја почнува теренската работа во мисијата на утврдување на фактите за потеклото на коронавирусот што ја предизвика пандемијата на Ковид-19.

ДПА пренесува дека Кина бараше тимот да мине 14-дневен карантин во хотел пред да може да ги почне своите истражувања во градот Вухан, каде се верува дека вирусот кон крајот на 2019 година преминал од животни врз луѓе.

Експертите на СЗО денеска се  видени како излегуваат од хотелот и се качуваат во автобусот, но не е познато каде се се упатија.

Мисијата се изведува под силен политички притисок, бидејќи Кина се обидува да ги избегне обвинувањата од различни страни, пред се, од поранешната американска администрација и лично од претседателот Доналд Трамп, за наводни грешки во првичниот одговор на пандемијата.

Главното прашање за мисијата е каде кинеската страна ќе дозволи истражувачите да одат и со кого ќе можат да разговараат. Кинеската државна телевизија денеска јави дека 13-те експерти на СЗО почнуваат со работа и дека сакаат да спроведат интервјуа и да ги посетат болниците. Тие, исто така, планираат да отидат до сточниот пазар каде за првпат се појавил коронавирусот.

Тимот за двете недели карантин имаше видео-конференциски врски со своите кинески колеги.

Back to top button
Close