Тина Мицковска со појаснување за последните случувања во ЗОО Скопје
Во отворено писмо, Тина Мицковска, вработена во ЗОО Скопје, појаснува за настаните во институцијата, кои го окупираат вниманието на јавноста изминатиот период.
Нејзиното писмо го објавуваме во целост.
,,Почитувани,
Во текот на вчерашниот ден (23.10.2024) до медиумите беше испратен допис од в.д. директорот на Зоолошка градина Скопје, Зоран Попов во кој се вели дека јас сум ширела дезинформации.
Ова доаѓа по објавата на мојот статус на Фејсбук на 22.10.2024 поддржан од вработените во Зоолошка градина кој ви го пренесувам во целост, а од кој е изваден само мал пасус и испратен до медиумите од В.Д директорот како демант.
Линк до мојот ФБ Статус: https://www.facebook.com/share/p/y9coV7huPceqFPLi/?mibextid=oFDknk
Истиот ден на 22.10.2024 имаше и реакција и соопштение од Синдикатот за образование и култура ( СОНК) во име на вработените од ЗОО Скопје, а во кое се вели :
„Синдикатот нема да дозволи никаков притисок и закани како оние што се случуваа изминатиот период врз вработените во институцијата“
Во ЗОО Скопје со години работат истите професионалци кои биле тука и кога зоолошката била најуспешна, но и во најтешките моменти. Оставам јавноста сама да процени и понатаму тврдам дека најголемиот дел од вработените не бевме информирани што ќе се случува во Скопје ЗОО во саботата и за сето тоа дознавме од медиумите и јавноста отпосле, што кај нас создаде чувство на немоќ, вознемиреност, бес, паника, но највеќе тага.
Единствено нешто што не е точно во мојот статус и е целосно ненамерна грешка е што пишав дека АХВ претходниот ден доставиле допис до Скопје ЗОО. Дописот всушност е од Факултетот за ветерина со резултатите од угинатата патка и во кој ја известуваат ЗОО Скопје дека е потврдено присуство на птичји грип, а по протокол веднаш ги известиле АХВ кои потоа од информациите кои ги имаме, телефонски најавиле на надлежни лица од ЗОО Скопје дека ќе дојдат во сабота наутро.
Од толку многу шпекулации и криење информации од вработените, нормално е во целата таа тага и нервоза да се случи ненамерна грешка за на крај да се стави фокус само на тој дел од целиот статус каде што поентата е сосема друга.
Тина Мицковска, вработена во ЗОО Скопје.”