ТИТАН Усје: Мерливи факти укажуваат дека причините за загадувањето треба да се бараат на друго место
Изјава на ТИТАН Усје
Целосно ги отфрламе неоснованите обвинувања кон ТИТАН Усје, кои се невистинити и не се засноваат на измерени научни податоци и факти. За жал, и овој пат компанијата се користи како изговор, иако реалните, научни и мерливи факти јасно укажуваат дека причините за загадувањето треба да се бараат на друго место.

Имено, работењето на ТИТАН Усје е под 24-часовен независен мониторинг, а сите податоци од мерењата се јавно достапни. Покрај нивното доставување до надлежните институции, кои имаат и независен увид, податоците од мерењата редовно се споделуваат со медиумите и со невладиниот сектор. Сите мерења покажуваат дека работењето на компанијата е под законски дозволените лимити.
Последното контролно мерење беше извршено вчера (18 декември 2025 година) од страна на Државниот инспекторат за животна средина, при што инспекторите утврдија дека нема отстапувања од законски дозволените лимити.
ТИТАН Усје работи согласно законските прописи и А-еколошката дозвола, која е под надзор и контрола на Министерството за животна средина и во која прецизно се дефинирани сите параметри што се однесуваат на заштитата на животната средина.
Тврдењето дека нашата компанија е поврзана со квалитетот на воздухот е целосно неосновано и паушално и се потпира на претпоставени вредности од софтверски апликации кои не се засноваат на верификувани методи за мерење од ваков тип и затоа не можат да се сметаат за релевантен извор, ниту во нашата земја, ниту во Европската унија.
ТИТАН Усје ќе продолжи да работи согласно законските норми, со одговорен и транспарентен однос кон сите засегнати страни.






