Тито и Бугарите во ЕУ

Македонија може во ЕУ, но без наследството на Тито, смета бугарскиот европратеник Андреј Ковачев. Периодот на поранешната југословенска федерација, и македонскиот „просперитет“ во неа, очигледно и понатаму буди морничави сеќавања и болни повеќедецениски историски искуства од маргинализираната улога на Бугарија зад Железната завеса, како сервилен сателит на Москва.

Но таа општо прифатена перцепција за Југославија, како најлиберален систем меѓу источните комунистички земји, со повисок животен стандард и далеку подобар меѓународен углед, не само на Тито, туку и на југословенските граѓани во Европа и во светот, Во Софија, и по три децении од распаѓањето на СФРЈ, сè уште се манифестира преку нерешени и неизлечени историски комплекси.

Македонија може да добие отворен пат кон евроинтеграциите, но, според Ковачев, без наследството на комунистичката диктатура останато од Титовото владеење. Ковачев е само еден од политичарите во Софија кои даваат такви неумерни изјави, небаре Бугарија успеала да се трансформира од темен комунистички вилает, постигнувајќи „скандинавски“ стандарди, па сега може да им дели лекции на соседите од областа на развојот на демократијата и владеењето на правото. И тоа земја, која во неможност да состави влада, годинава по третпат ќе одржи парламентарни избори.

Но факт е дека Бугарија денес е полноправна членка на ЕУ, и без оглед на нејзините скромни постигнувања во практикувањето на европските вредности, има право на вето, и е дел од одлуките што Советот на ЕУ ги носи со целосен консензус, така што може да им ги загорчува европските перспективи на своите соседи, и тоа посебно на Македонија. Со „црвен картон“ во раката Бугарија сега јава на брановите на ЕУ-проширувањето и се наметнува во светлина на важен фактор за решавање на региониланите спорови и за создавање претпоставки за унапредување на добрососедската политика.

Европската унија и понатаму не покажува некаква поголема решителност да се справи со блокадите од страна на Софија, одржувајќи го проширувањето на ЕУ, преку некаква форма на внатрешна премолчена согласност и со повремено пумпање на нови порции оптимизам во процесот, но кои главно се сведуваат на преживување на евроинтегративните асприации на земјите во Западен Балкан преку дишење на жабри.

Се повторуват истите фрази, како, на пример, од страна на еврокомесарот Вархеји, кој пред европратениците од Комисијата за надворешни работи, деновиве рече дека одлагањето на преговорите со Северна Македонија и со Албанија е штетно за кредибилитетот на Европската Унија. Но ЕУ, всушност, во последните години не покажува некакво поголемо интересирање за Западен Балкан, а што, како што често се предупредува, може да има сериозни геополитички консеквенци.

Токму затоа со нагласено интересирање се следи пристапот на ЕУ кон Балканот. По распаѓањето на Југославија во 90-тите години од минатиот век, беа воведени визи за новите самостојни држави, чии граѓани претходно со црвените југословенски пасоши патуваа слободно речиси во целиот свет. Британскиот антрополог Стеф Јансен мошне успешно го објаснува тој процес на воведување визи од страна на ЕУ, што придонсе за појава на чувство на изолација и аутсајдерство во тие земји. Студијата на Јансен е објавена под наслов: „По црвениот пасош: кон антропологијата на секојдневната геополитика на заробување во непосредното соседство на ЕУ“.

Неодамна, иако малку срамежливо и со полуотворена уста, повторно беше споменато воведување визи, односно можно преиспитување на визната либерализација на ЕУ, иако се сè уште свежи сеќавањата на долгите редици за предавање барања за визи пред европските амбасади во главните градови на земјите во Западен Балкан, при што луѓето дури носеа и столчиња за да можат да го издржат чекањето. Имаше и такви кои застануваа во редот среде ноќ, за утредента да го продадат своето место. Можно ли е некој во ЕУ да посакува повторување на таквите слики?

Според Јансен, движењето е тесно преплетено со статусот на државјанството. За луѓето во осамостоените републики југословенското државјанство имало извесна вредност, за разлика од денешната реалност, дека повеќе не се пречекуваат како добредојдени во Европа и светот. Едно потсетување за таквиот третман беше и масовната дистрибуција на ковид-вакцините, при што на почетокот во значајна мера изостана поддршката за западнобалканските земји. Во такви околности српскиот претседател Вучиќ во повеќе наврати отворено ја критикуваше ЕУ, отфрлајќи ја европската солидарност како „бајка“, а што доби и бизарен израз во неговото бакнување на кинеското знаме.

 

Западен Балкан во добар дел се третира како заден двор, што човек би сакал да заборави дека го има. Но и тој запустен двор сепак припаѓа на куќата, така што пред или подоцна мора да биде исчистен и суреден. Но додека ЕУ замижува пред таа реалност се зголемува интензитетот на иселувањето, посебно на младите.

За Ковачев, кој, се разбира се обидува да го изостри погледот низ една поголема политичка диоптрија во Софија, клучниот проблем и понатаму е наследството од времето на Тито. Во секој случај, перцепцијата на историските околности, објективна или пристрасна, постојано се менува. На Брисел му останува да покаже решителност за обновување на кредибилитетот на политиката на ЕУ-проширувањето, и со тоа најпосле недвосмислено да им посака враќање и добредојде на западнобалканските граѓани во европското семејство. Враќање во Европа.

Во спротивно, заложбите од типот – подобро ЕУ или Кина на Балканот – ризикуваат да останат само празна парола.

 

Ивица Челиковиќ

Back to top button
Close