Tито Петковски: Тешко ќе формираат нова влада, поради личните и концепциски разлики

Лесно може да ја урнат владата, но тешко ќе направат нова – вака лидерот на НСДП Тито Петковски ја коментира вчерашната најава на опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Левица и АА дека со БЕСА имаат ново парламентарно мнозинство, кое, како што порачаа, доколку премиерот Зоран Заев не поднесе оставка, ќе избере нова влада или ќе се организираат предвремени парламентарни избори.

Оставката на премиерот повлекува оставка на цела влада и тогаш ситуацијата е иста како и при евентуално изгласување на недоверба на владата. Вчерашниот настан што се случи поради револтот на БЕСА за Желино не значи ништо ако на седница 61 пратеник не изгласаат недоверба на владата. Тоа верувам дека лесно може да го направат, но сметам дека истата структура тешко ќе формира нова влада, поради личните и концепциски разлики – изјави Петковски за Фокус.

Лидерот на владејачката НСДП, кој е поранешен пратеник и претседател на парламентот, додава дека доколку новото парламентарно мнозинство не добие мандат од претседателот на државата и не избере нова влада во собранието, тогаш на сила останува да функционира постоечката влада.

Back to top button
Close