Тивки собири со гласна порака: Доста е!

Голем број граѓани синоќа се собраа на плоштадoт „Македонија“ во Скопје за оддадат почит на 59-те лица загинати во пожарот во кочанското кабаре „Пулс“, да им дадат поддршка на нивните семејства и на повредените кои се лекуваат во домашните и странски болници.

Фотографија: Umeys Sulejman/Anadolu/picture alliance
Фотографија: Umeys Sulejman/Anadolu/picture alliance

„Вашиот систем уби цела една генерација“, „Ќе немаше олку крв, да беше по закон“, беа дел од транспарентите во рацете на граѓаните. Слични мирни собири се одржаа во повеќе градови низ земјата. Во Паркот на револуцијата во Кочани синоќа се одржаа два собира – на едниот митрополитот брегалнички Иларион одржа молитва за загинатите и за побрзо оздравување на повредените. А под мотото „Слобода за нашите херои“ беше побарано ослободување на притворените лица кои биле во обезбедувањето во дискотеката, и кои учествувале во спасувањето на повредените.

 

Со транспаренти „Доста е“, „До кога ќе убива корупцијата“, пораката од сите собири е иста – da се утврди одговорност и да се стави крај на корумпираниот систем, кој и досега уби многу луѓе. Надлежните институции интензивно работат на тоа. Тим од девет обвинители е на терен, како и државниот јавен обвинител кој речиси се „пресели“ во Кочани. Врз основа на досега обезбедените докази се испитува улогата на 16 лица за кои обвинителството побара и обезбеди мерка 48-часовен притвор. Претрес вчера беше извршен и во просториите на Општина Кочани, а беше најавено дека ОЈО Кочани попладнето до надлежниот суд ќе достави предлог за определување краткотраен притвор за уште едно лице.

 

Непристраност и транспарентност

Со цел да се обезбеди непристраност во службените активности, вчера е донесена одлука за разрешување на седум раководни полициски службеници – тројца во ОВР Кочани и четири во СВР Штип, како и нивна замена со полициски службеници од Скопје.

„Ваквата одлука не прејудицира никаква вина, туку е чекор кој треба да гарантира процесот да се одвива без никакви притисоци, сомнежи и влијанија. Во моменти како овие, клучно е институциите да работат со највисока транспарентност и професионалност“, рече Тошковски.

Министерот објасни дека одлуката е донесена со цел да има оперативна поставеност која ќе овозможи целосна непристрасност, со полициски службеници кои немаат никакви лични или професионални релации со средината која беше погодена од трагедијата.

 

МВР вчеравечер ги информираше граѓаните и сите корисници на воздухоплови без екипаж (дронови) дека од страна на Агенцијата за цивилно воздухопловство е поставена забрана за вршење какви било операции со дронови на територијата на Кочани и Штип.

„Неовластеното, некоординирано оперирање на овие воздухоплови не само што го загрозува воздушниот сообраќај, туку може да предизвика сериозни последици по животот и имотот на трети лица на земја. Оперирање со воздухоплови без екипаж во забранети зони е основ за поведување постапка за санкционирање согласно Законот за воздухопловство“, беше наведено во соопштението.

ЗНМ: Зошто забраната е објавена откако протестот започна?

Претходно, новинарски екипи на ТВ 21 и на Ројтерс попладнето биле повикани на службен разговор во полициската станица „Центар“ (потоа пуштени), затоа што за време на протестот во Скопје снимале со дрон за што немале дозвола, а од истите причини била повикана новинарска екипа што снимала на протестот во Кочани.

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изразија загриженост поради тој чин.

„Зошто забраната за дронови беше објавена дури откако протестот веќе започна? Според најавата, Скопје не беше опфатено, а новинари сепак беа повикани на информативен разговор? По кој правен основ цели градови се опфатени, наместо конкретни зони како што предвидуваат подзаконските акти? Зошто медиумите не беа навремено известени за ограничувањата?“, се вели во реакцијата.

Back to top button
Close