Тој што уништува – ќе надоместува со општокорисна работа
Колку пати досега сте прочитале наслов „Повторно уништена урбана опрема – искршени клупи и реквизити на игралишта и во детски катчиња“? Секојдневното девастирање на урбаната опрема на јавни површини во Скопје и во други градови – одамна не е вест. Но, вест е дека ќе се кројат сериозни решенија за да се превенираат и запрат вандалските практики.
Вчера во Министерството за локална самоуправа се одржа првата средба на новоформираната работна група, чија задача е подготовка на законски измени за воведување општокорисна работа за младите лица кои извршиле вандалски дејства. Работната група беше формирана откако Владата ја прифати иницијативата поднесена од Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), а која произлезе како предлог од градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Герасимовски во изминатиот период потенцираше дека навременото делување е клучно за обезбедување безбедна и уредна средина за граѓаните, но и дека одговорноста мора да биде индивидуализирана.
„Не се виновни сите деца, но оние што намерно оштетуваат јавен имот треба да сносат одговорност. Затоа предлагаме мерка според која сторителите, заедно со родителите, ќе мораат да ги поправат реквизитите што ги уништиле. Вака ќе поттикнеме поголема свест и почит кон јавниот простор“, изјави тој.
Потенцираше дека иницијативата не е насочена против децата, туку кон нивно подобро воспитување и насочување кон спортот и позитивните вредности.
Показател за сериозниот пристап
Првиот чекор е направен, а претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, оцени дека формирањето на работната група во рекордно време е показател за сериозниот пристап кон ова прашање. На вчерашната средба биле разгледани сите аспекти на потребните законски измени. Тие ќе ги опфатат Законот за прекршочна постапка, Законот за пробација и Законот за правда за децата, со цел општокорисната работа да стане ефективна мерка за превенција и ресоцијализација на младите. Дополнително, биле дискутирани и можни измени во Законот за семејство и Законот за извршување на санкции, со што би се опфатиле и родителите во тој процес.
„Вандализмот е проблем кој бара системско решение, а воведувањето на општокорисната работа ќе придонесе за создавање свесност кај младите и ќе помогне во спречување на идни негативни појави. Нашата цел не е само санкција, туку пред сè превенција и воспитување на младите за одговорност кон заедницата“, изјави претседателот на ЗЕЛС.
Верува дека во најкраток можен рок ќе ги финализираат законските измени, со кои се очекува младите кои извршиле вандализам, наместо стандардни казнени мерки, да бидат насочени кон општокорисни активности, со што ќе се поттикне нивната општествена одговорност и активно учество во заедницата.
Ќе влијае превентивно
Проблемот тлее подолго време. Спортските, детските игралишта и парковите, често пати ноќе се користат како места за собирање и консумирање алкохол, а потоа и за дивеење врз јавното добро. Наутро општинските служби наоѓаа делови од искршени клупи, огради, лулашки и искршени стаклени шишиња, а родителите по којзнае кој пат се соочуваа со девастиран простор во кој не би сакале да престојуваат нивните деца. Сега се надеваат дека таквите слики ќе станат минато.
„Се согласувам да се воведе општокорисна работа за сторителите. Мислам дека тоа ќе влијае превентивно кај младите, да си размислат за постапките, но и кај нивните родители – да обрнат повеќе внимание на однесувањето на децата во слободното време“, вели родител од скопската населба Капиштец.
Локалното детско игралиште пред зградата во која живее, неколку пати било мета на вандализам. Тој се надева на квалитетни законски измени, кои не ќе може да бидат заобиколени на еден или друг начин. Токму такви мерки ветуваат надлежните.
„Заложба на Министерството за локална самоуправа е да се постигне трајно системско решение со кое ќе се санкционира таквото однесување, но и да се акцентира потребата од создавање на систем за правилен третман и превенција од ваквите случаи кои се честа појава“, соопштија од ресорот.
За фактот дека интензивно и мултиресорски се работи на таквата заложба, говори податокот дека во работната група партиципираат претставници од министерствата за транспорт, за внатрешни работи, за правда, за образование и наука, за социјална политика, демографија и млади, како и претставници од Управата за извршување на санкции – Сектор за пробација, од невладини организации и од ЗЕЛС.
Зајакнување на комуналниот надзор
Во рамки на актуелниот процес за изменување на Законот за локална самоуправа, оваа проблематика се разгледува како една од клучните теми, а истата е една од четирите основни темели на кои се базираат законските измени што се подготвуваат.
„На потребата од зајакнување на механизмот на комунален надзор инсистираа и речиси сите досегашни учесници на серијата јавни дебати на кои се разменуваа мислења и се предлагаа идеи во насока на заедничко изготвување на подобрен и модернизиран Закон за локална самоуправа“, објаснуваат од Министерстото за локална самоуправа.
Министерот Златко Перински потенцира дека успех е можен само ако сите одговорни фактори застанат зад решенијата што се предлагаат.
„Со изменетата законска рамка, практично ќе се создаде правна основа за зголемување на ингеренциите на постоечките комунални редари, материја која ќе се доуреди со Законот за комунални дејности. Во случајов, со овој механизам нема да се превенира само малолетничкиот вандализам, туку вандалското однесување и девијантните појави, без оглед на возраста на сторителите“, изјави Перински.
Министерството за локална самоуправа останува отворено за сите иницијативи, предлози и сугестии кои би биле во интерес на поефикасно локално управување, од кое корист ќе имаат и општините и граѓаните.(dw)