„Тоа беше само несреќа” на Панахи го отвара 24. Фестивал на европски филм – CINEDAYS

Со проекцијата на „Тоа беше само несреќа“ во режија на Џафар Панахи, добитник на наградата Златна Палма на Канскиот фестивал и „Човек лавина“ на Слободанка Рудин, филм за еден од најдобрите музичари и тапанари во поранешна Југославија, Драгољуб Ѓуриќиќ вечер во киното Фросина во МКЦ во Скопје ќе биде отворено 24. издание на Фестивал на европски филм – CINEDAYS.

Според организаторите, осумте селекции, повеќе од 60 филмови, кои ја одбележаа тековната европската филмска година и врвна работилница „Маркетинг на филм“, се фактографски белег на годинашниот CINEDAYS кој ќе се одржува до 10 декември под слоганот „Се гледаме од другата страна“.

-Оваа година публика не ја водиме на филмско патување туку ја водиме низ премин. Типично за Дејвид Линч, на кого му го посветуваме ова издание, надреално, сонувачки, убаво и контрастно. Тој премин и покрај сé, е богат со најновите и најнаградуваните филмови. Свесни сме дека земја како Македонија, со мал продукциски импакт, филмот се докажа како најголем амбасадор и за да можат да виреат такви креативци, но и на така префинета публика должни сме да и го дадеме најдоброто што знаеме да го правиме, а тоа е фестивал пред сé“,вели Маргарита Арсова – програмски координатор на CINEDAYS.

Фестивалот ќе го отворат филмовите, “Тоа беше само несреќа” во режија на Џафар Панахи, добитник на наградата Златна Палма на Канскиот фестивал и „Човек лавина“ на Слободанка Рудин, филм за еден од најдобрите музичари и тапанари во поранешна Југославија, Драгољуб Ѓуриќиќ.

-Ова издание на CINEDAYS ги носи и “Тајниот агент” на Мендонса Фило, “Домот на младата мајка” на браќата Дарден, и двата номинирани за Златна Палма, “Татко Мајка Сестра Брат” на Џим Џармуш кој е добитник на наградата Златен лав во Венеција и досега не е прикажан во кината во Европа, потоа филмови во кои македонските филмски екипи се копродуценти, како „Оче наш“ на Горан Станковиќ, „Ера“ на Парта Келменди, „Павиљон“ на Дино Мустафиќ…. А ќе гледаме и филмови на Сорентино, Парк Чан-Вок. Особено сме благодарни што годинава и Македокс ни се придружува со своја селекција, победници од нивниот фестивал. Многу гости, музика и филмски завршеток на годинава за МКЦ, дополнува Арсова.

 

Селектор на програмата на 24-от CINEDAYS е Бернд Будер и годинава ќе ги гледаме филмовите структурирани во повеќе селекции: Официјална селекција, Гала програма, МК во ЕУ, МК премиери на кратки филмови, музички документарци, SEE програма, селекција на Дејвид Линч и Македокс.

 

Жири комисијата во состав Сара Климовска – актерка, Арсен Оремовиќ – режисер, Хрватска и Алеш Павлин – режисер од Словенија ќе одлучува за филмовите во Официјална конкуренција, а Ана Опачиќ – режисерка, Хрватска, Фатос Бериша – режисер, Албанија и Јасмина Карајловиќ – продуцентка, Црна Гора за филмовите во СЕЕ програма.

 

На 4 и 5 декември во клубот МКЦ, во рамките на СинеМјузик вечерите, организаторите најавуваат специјална селекција од десетина млади европски бендови, поддржани од Лајвјуроп програмата. Влезот за концертите е бесплатен.

 

Фестивалот ќе се случува во просториите на МКЦ, во кино Фросина и Дансинг салата 25 мај. Билетите за овогодишното издание на CINEDAYS ќе бидат по цена од 200 денари, за сите филмови, а може да се купат онлајн, преку bileti.mkc.mk (препорачуваме онлајн-продажба), како и на самиот влез на МКЦ.

Фестивалот е поддржан од Агенцијата за филм на РСМ, Градот Скопје, Делегацијата на ЕУ преку програмата за поддршка на европски филмски фестивали како и мрежата Лајвјуроп.

 

Back to top button
Close