Тоа не е опција

                                                         

Враќање назад и колебање, не, тоа не е опција.

Овој наслов не е мој, го позајмив. Почитувани, што се случи на 17 Октомври, прашање е сега.

Да точно е, се случи победа на опозицијата во првиот круг од локалните избори и тоа мора да се признае. Но точно е исто така дека оваа изборна трка се уште не е завршена, ќе видиме што ќе се случи на 31 октомври. Мислам дека тек допрва ќе има битки.

Сега знаете сите по војната се генерали. Сите знаат се. Зошто било вака, па не било онака, па како они збореле дека не треба, па не ги слушале и така натаму. Први петли кои “закукурикаа“ со некакви совети и некое цинично ликување во сето ова беа оние поранешни  функционери или функционерки од македонската лева опција, во слободно време обични “оговарачки“ па нешто као се прават паметни, не бива тоа така.

За овој резултат од првиот круг на изборите секако постојат објективни и субјективни причини.

Таму некаде во март 2019 година, непосредно пред претседателските избори, како генерален секретар на Демократскиот Сојуз имав една средба со премиерот каде што онака повеќе пријателски но и директно ми кажа дека не е воопшто задоволен од работата на повеќе негови градоначалници по само година и половина од нивниот мандат и ќе треба по изборите да притисне таму и нешто да се менува.  Да, точно е, имаше градоначалници кои не ги исполнија очекувањата на граѓаните и тоа претставува една од објективните причини за овој изборен резултат. Меѓу повеќето објективни причини за овој изборен резултат се секако и одлуките и политиките на централната власт, односно она за што велат “висока политика“. Во таа “висока политика“ во овие две три години наназад се донесоа драматични, тешки и болни одлуки со кои нашиот народ мора да научи да живее заради подобра иднина за себе и за своите деца. Некои тоа го разбраа, но огромен дел од нашите граѓани тоа не го разбираат секако заведени од силната медиумска пропаганда на “патриотите“ дека они тоа го можеле без никакви отстапки, ќе не внеселе во НАТО и ЕУ по полесен пат, ма пази да не, дека така ќе било. Овие тешки и храбри одлуки секако дека не носат гласови туку одлеваат гласови. Водењето популистичка и лажна патриотска политика секако дека се исплати во една ваква ситуација, се добиваат гласови за тоа. Одложувањето на преговорите со ЕУ поради блокадата од Република Бугарија не е ниту најмалку по наша вина но и тоа одзема гласови, едноставно дојде до некое разочарување кај граѓаните затоа што ете направивме се а пак ништо, знаете тоа навистина делува така обесхрабрувачки. А баш би сакал да видам како патриотите би го решиле ова прашање и кога би ги почнале со нив преговорите, на “свети никад“ а може ниту тогаш. Сите овие работи и отстапки кои како мала нација и држава мора да ги правиме донесоа огромно разочарување кај многу наши граѓани, но тоа е што е. Секако дека и оваа светска пандемија и криза која трае еве веќе скоро две години, која тотално не исцрпи на секој план, каде што многу луѓе останаа без работа и без приходи, сето тоа сериозно се одрази врз рејтингот на владејачката коалиција, но така е секаде низ светот.  Нормално е во едни вакви околности кога треба да обезбедите пари за многу сектори за да преживеат, некој ќе биде задоволен а некој не, кога треба да го ограничите движењето на луѓето за да се спасат што повеќе животи некој на тоа ќе плука, некој ќе се сложува, а некој ќе ве навредува, па ќе се борите со “антиваксери“ кои од популистички мотив повторно ќе бидат поддржани од опозицијата и сето тоа треба да го менаџирате, епа тешко е, се губат поени така, нели. Тука исто така се страничните удари под појас од поранешниот претседател на СДСМ и неговите поддржувачи, од МАНУ и многу други работи. Сето ова претставува една компонента наречена објективни причини за изборниот исход.

Во субјективните причини кои секако се многу си знаат најдобро внатре во партиите. Факт е дека во една коалициона влада има многу кнедли кои треба да ги голтнете, има многу кадровски промашувања кои мора да ги премолчувате и многу глупости кои мора да ги менаџирате. Во нешто ќе успеете во нешто нема. Но секако нема оправдување за тоа. Многу функционери од разни ешалони не вредат ништо на пазарот на трудот, односно не што не носат гласови туку се причина што се одлеваат гласовите. Со тоа мора да почне да се расчистува. За жал видов многу себични луѓе кои се на некои функции, кои мислат само за себе, не им е гајле ниту за партија, ниту утре што ќе биде и тоа е лоша порака за гласачите. Но тоа мора лидерите на партиите да го расчистуваат.

 

                               Како после 31 октомври?

 

По вториот круг кој треба да се одржи на 31 октомври нема многу опции. До колку граѓаните се мислат и колебаат и сакаат враќање назад односно враќање на онаа политика која беше тотално делегитимирана може да го направат тоа, никој не им брани, демократија е. Но треба да бидат свесни за последиците на своите одлуки кои ги донеле, нема после Цацко да им биде крив. Со поддршка на кандидатите на владејачката коалиција се дава шанса да се продолжи со оваа политика на континуитет во евроинтегративните процеси, на политика која обединува, која решава тешки прашања, на политика на рамноправни граѓани, на повисоки плати и стандард, на релаксирани меѓуетнички односи, политика на голема меѓународна поддршка и факторизација на Македонија во европски рамки итн. Алтернативата на ова веќе сами ја знаете, понекогаш си мислам дека подобро и да не ја знаете, депласирано ми е веќе да зборам за тоа.

На 31 октомври премиерот нема многу алтернативи, се зависи од изборниот резултат. До колку се добие поддршката во Скопје, во останатите скопски општини и во некои други поголеми градови тој ќе има сепак легитимитет да продолжи да работи со своето парламентарно мнозинство за кое верувам дека е стабилно. До колку се случи спротивното, се изгуби Скопје, не треба воопшто да размислува како понатаму без разлика на мнозинството што го има. Треба да свика лидерска средба на која ќе се договорат партиите за датум за нови парламентарни избори веќе оваа пролет, таму април или мај.  Не дека ни треба сега нови избори, напротив, ниту најмалку не ни требаат избори, но друго нема. До колку не го направи тоа премиерот, мислам дека се што ќе се случува понатаму во една ваква ситуација ќе биде на негова штета и на штета на СДСМ како најголема партија во коалицијата, односно до колку се одлучи да продолжи како до сега. Не треба воопшто да ги слуша оние партии кои излегоа сами на избори, му направија огромна штета, се правеа паметни, критикуваа, му свртеа грб, па сега пак сакале да си седат во владата зошто мнозинството било стабилно, но утре ако е малку климаво пак ќе избегаат веднаш. Треба да го направи истото тоа што го направи по блокадата од Република Франција за отпочнување на преговорите точно пред две години. Со тоа ќе го намали притисокот од јавноста, од опозицијата, притисокот од евентуални превирања во парламентот и нови мнозинства, ќе може да се повлече 100 дена пред изборите во партијата, да ги збие редовите, да земе една метла или џогер ако треба, па нека чисти што е за чистење,  за да така спремен излезе на изборите. Пред тие 100 дена треба да се искористи максимално времето за решавање на спорот со Бугарија и да се работи максимално како до сега на добивање датум за преговори што би било еден голем ветер во грб за претстојните парламентарни избори. Но внимавајте, едно се локални избори, друго се парламентарни избори, не е исто, дел од гласачите различно размислувааат на сите избори. Длабоко сум убеден дека на тие избори една коалиција за Европска Македонија може да биде победник без разлика на овој интензивен опозициски бран кој е сега некако засилен.

Се надевам дека на вториот круг на овие избори на 31 октомври и оние прогресивните и оние незадоволните, оние заспаните од првиот круг и оние тазе разбудените мали или поголеми мрчатори, сите они ќе излезат и ќе дадат поддршка за концептот за Европска Македонија како најдоброто за Македонија.  Се гледаме на 31 октомври.

 м-р Глигор Стоименов

 

 

 

Back to top button
Close