Тоборе Оворие, новинарката која им дава глас на безгласните

Тоборе Оворие е добитник на наградата на ДВ за Слобода на говорот за 2021 година. Истражувачката новинарка им дава глас на маргинализираните во нигериското општество. Својата храброст за малку ќе ја платеше со живот.

   

Врисоци во темните ќошиња на кампот под високо обезбедување. Младите жени околу Тоборе Оворие се обидуваат да избегаат преку оградите. Тоборе е здрвена од страв. Нејзините алишта се испрскани со крв, нејзиниот поглед фиксиран на две пресечени глави штотуку истркалани на подот. Одеднаш сѐ станува црно, таа ја губи свеста.

Кога се потсетува на она што го доживеала пред седум години, очите повторно ѝ се полнат со солзи. Тогаш 33-годишната истражувачка репортерка седум месеци се беше инфилтрирала со лажен идентитет во нигериските кругови на трговија со секс. Нејзиното известување исфрли на виделина криминални групи инволвирани во проституција, трговија со луѓе и со органи.

„Да ја живееш сторијата“

Неколку недели пред истражувачката сторија, на Тоборе ѝ пришол еден уредник кој побарал да ја обработи темата за трговија со секс во Нигерија преку разговори со жртви. Во интервју за ДВ таа во неодобрување се смее кога се потсетува на тој разговор. Вели: „Не им пишуваа на чело дека ќе станат жртви на трговија.”

За неа било јасно дека „мора самите да поминат низ процесот, инаку приказната ќе биде плукни-залепи“, раскажува Тоборе за ДВ, силно плескајќи за да ги засили своите зборови. Во нејзината работа нема простор за компромиси, вели таа.

Генералниот директор на ДВ, Петер Лимбург, вели дека нејзиното храбро известување ѝ ја донело овогодинешната награда за Слобода на говорот. „Наградата ја истакнува важноста на транспарентноста во нашата работа и значењето на храброста во нашето општество. Мислам дека наградата ќе ѝ помогне на Тоборе Оворие во нејзината работа и се надеваме дека ќе придонесе и за нејзината безбедност“, вели Лимбург.

Шверцувана од Нигерија

Меѓународната организација за миграција проценува дека 80 проценти од девојките кои доаѓаат во Европа од Нигерија се потенцијални жртви на трговија со секс. Најдобрата пријателка на Тоборе е една од нив. Таа подлегнала на последиците од инфекција со ХИВ откако ја прошверцувале во Европа.

Во 2013 година Тоборе се водела од јасна цел – да разјасни што се случило со нејзината пријателка и многу други што ги познавала со тоа што ќе ги разоткрие личните приказни на илјадници жртви кои секоја година се шверцуваат од Нигерија во Италија.

„Имав толку многу прашања кои бараа одговори“, вели Тоборе во врска со нејзиното истражување во интервју со „Пулс Нигерија”. Со помош на нејзините колеги од „Нигеријас Премиум Тајмс” таа се инфилтрирала во нигериските кругови на трговија со секс во период од седум месеци. Си го променила идентитетот и имиџот, косата, шминката, па дури и начинот на кој зборува за да влезе во новата улога.

Се преправила во проститутка и била преземена од макро, прво во Лагос, а потоа во Абуџа. За време на нејзината истрага во 2013 година на своја кожа ја доживеала мрачната страна на нигериските криминални структури.

Ѝ ја избричиле главата, ја тепале, злоставувале, била хоспитализирана и за влакно избегнала да биде жртва на убиство. По неколку месеци во улога на проститука Тоборе добила зелено светло од нејзиниот макро да оди во Италија. Заедно со група девојки била прошверцувана во Бенин. Доживеаното на тоа патување до денес ја спречува да гледа хорор филмови. Била сведок како две жртви на трговија со луѓе биле обезглавени, бидејќи органите им биле наменети за црниот пазар. По пристигнувањето во Котон, со помош на своите колеги успеала да побегне.

Freedom of Speech Award 2021 | Preisträgerin Tobore Ovuorie aus NigeriaЗа време на нејзината истрага на своја кожа ја доживеала мрачната страна на нигериските криминални структури: Тоборе Оворие

Борбата продолжува

Психичките последици од времето на нејзиното истражување на нигериските картели за трговија со луѓе, ги чувствува до ден-денес. Тоборе се бори со депресија и пост-трауматски стрес синдром (ПТСД). Нејзината колешка од Гана, Анас Аремејев Анас за ДВ вели дека отпорноста на Тоборе на разни шокови, го дефинира нејзиното исклучително новинарство.

„Во еден момент помисливме дека тоа ќе биде крај за нејзината кариера, но таа се врати уште посилна. Ја мотивираат неправдите кои ги гледа во својата земја. Сака да биде сигурна дека ранливите групи, жените и децата ќе добијат фер третман.“

По нејзината истражувачка сторија во 2013 година, Тоборе продолжува да избира теми кои погодуваат во сржта. Таа ги раскажа приказните на жртвите на трговија со луѓе во Либија и ја третираше стигматизацијата на нигериските деца кои живеат со ХИВ.

Во моментов ја истражува вмешаноста на вработени во амбасада во трговијата со луѓе.

На прашањето дали се кае што си го довела животот во опасност поради истражувањето, Тоборе ни миг не се двоуми: „Не жалам воопшто. Тоа ги поттикна луѓето да почнат да ги обмислуваат работите. Спијам мирно. За мене тоа е исполнет живот.“

Back to top button
Close