Тодоров: Или Мицкоски ќе прерасне во лидер кој ќе ја води нацијата или ќе замине со бремето на човек кој ја оставил ВМРО најдолго во опозиција
Поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ во интервју за „Слободен пачат“ вели дека Македонија не е на крстосница. Тој е убеден дека ние одамна го имаме одбрано нашиот пат кон запад, сѐ друго е резултат на македонски инает.
„На секого во Македонија му е јасно дека уставни измени мора да има, ако сакаме да го продолжиме нашиот пат кон ЕУ, односно да ги отвориме првите поглавја во преговорите“ смета тој.
Неговиот став е дека во овој момент, речиси е невозможно кој било да влијае врз Бугарија да се откаже од барањето за промена на Уставот, имајќи го предвид исклучително големото стратешко значење на Бугарија во светло на конфликтот во Украина, па од овие причини невозможно е да издејствуваме поповолна позиција за Македонија од таа што ја имаме.
Тодоров смета дека „порано или подоцна Македонија ќе мора да го направи овој чекор и да ги вметне Бугарите во Уставот, што значи ова ќе се случи. Прашањето е дали тоа ќе биде пред или после избори и кога изборите ќе се случат“.
„Ако мене ме прашувате, јас со сето срце сакам ВМРО да победи и да формира влада, но, во следните неколку месеци ќе се кристализира дали Мицкоски ќе прерасне во лидер кој ќе ја води нацијата или пак ќе мора да замине со бремето на човек кој ја оставил ВМРО најдолго време во опозиција“ вели Тодоров.
Оттаму, додава, најновата македонска политичка дилема е – ЕУ или власт!
„Сметам дека повеќе од ВМРО, да не се изгласаат уставните измени сака само СДСМ. Ова од причина што сметаат дека така СДСМ ќе ја има поддршката од меѓународната заедница, а ВМРО ќе ја нема таа подршка и сѐ повеќе ќе биде изолирана во меѓународните односи“ – вели Тодоров.
За Никола Груевски вели дека сѐ уште има влијание не само меѓу вмровските поддржувачи, туку и кај дел од пратениците и меѓу раководството.