Токсичната мажественост им штети на сите, потребни се промени во воспитувањето од најрана возраст и советувалишта за мажи


Живееме во општество каде машките од најмала возраст ги учат дека треба да бидат силни и да не иразуваат емоции, а тоа предизвикува голема парализа во градењето на мажественоста, која се толкува на погрешен начин, со што, покрај погрешното градење на нивниот идентитет, тие во конфликтни ситуации, наместо да пристапат кон конструктивен разговор, најчесто ги „надминуваат“ проблемите со насилство. Потребни се суштински промени во воспитувањето уште од најрана возраст, а за возрасните мажи советувалиште со цел надминување на родовите стереотипи.

Во нашиот менталитет се длабоко вкоренети родовите поделби, машки и женски професии, машки и женски домашни работи, машки и женски играчки, машките се учат дека секогаш треба да се носат со секоја ситуација бидејќи се посилен пол, да знаат да употребат физичка сила бидејќи мора да бидат храбри, па така тие преку општествени примери градат погрешна перцепција за мажественоста.

Токму поради таквиот начин на градење на машката фигура тие се соочуваат со проблеми во текот на животот. Психолошки гледано, неискажувањето на емоциите им создава огромен притисок и неукост за справување со тешки ситуации, научени се да не се жалат на болка, па од тоа прикривање си создаваат посериозни здравствени проблеми, а навиките за употреба на сила „на улица“ ги пренесуваат во домовите каде најчести жртви се сопругите и децата.

Во текот на изминатите години се забележуваат промени во однесувањето кај помладите генерации, но се уште треба многу да се работи на менувањето на менталитетот, како кај помладите преку воспитувањето, така и кај возрасните преку советувалиште и подигање на свеста, бидејќи тие се примерот од кој треба да учат новите генерации.

Од Aсоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА, каде работат на оваа проблематика, за МИА наведоа дека мажественоста е резултат на разбирање, толкување, учење и доживување на околината и дека во тој процес на момчињата и на мажите им е потребна поддршка.

– Често, како што растат, на мажите им недостигаат вистински машки примери (role models) во формирањето на идентитетот. Поради родовата специфична, поделбата на грижата во семејството и професионалниот контекст во областа на социјалната работа, честопати се негираат можностите за обликување на мажественоста на еден маж. Поради овој недостиг, луѓето често се ориентираат кон стереотипите и медиумски претставувања на конструкциите на мажественоста кои постојат во општата јавност. Тука сè уште преовладуваат традиционалните слики на машкоста и распределбата на родовите улоги. На мажот се гледа како на тепач, тој е мускулест, силен, подготвен да употреби насилство доколку е потребно и секогаш има контрола на дадената ситуација. Така, момчињата стекнуваат погрешни слики за машкоста и мажественоста, наведоа од ХЕРА.

Оттаму посочија дека кај нас преовладува мислењето дека мажите не треба да плачат и така машките децата од мали учат дека ако плачат или се пожалат на болка, тоа не е во ред.

– Токму поради овие причини подоцна во животот и мажите многу потешко бараат помош од лекар, психолог или некои услуги за поддршка кои може да им помогнат и навреме да превенираат сериозни здравствени проблеми (пр. мозочни и срцеви удари). Друга категорија на мажи која, пак, низ животот ги научила лекциите дека мажите не плачат и мора секогаш да се силни, кога ќе се најдат во конфликтни ситуации или кога се под стрес и притисок, наместо да пристапат кон конструктивна комуникација и разговор, најчесто прибегнуваат кон стратегии за надминување на проблемите со употреба на насилство, при што најчесто директна жртва се партнерките и/или децата. Изговорот секогаш ќе биде дека не се разбрани, биле испровоцирани и затоа морале да одговорат и да го прекинат притисокот кој го имаат врз себе за да заработат, задржат работно место и слично, истакнаа од ХЕРА за МИА.

Од Асоцијацијата посочија дека во процесот на воспитувањето мора да се градат сликите дека не постојат машки и женски работи и професии, не постојат машки и женски игри и играчки уште од најрана возраст и дека не постојат машки и женски емоции, туку дека емоциите се дел од емоционалниот развој на секој еден од нас и дека за нив треба да се разговара, дека треба да се изразуваат на здрав начин.

– Не сме доволно силни ако не плачеме, силни сме ако покажеме соодветна емотивна реакција на секоја ситуација и ако знаеме како да постапиме кога нешто не‘ вознемирува и ни предизвикува непријатност. И секако, во ред е и да погрешиме и да преземеме лична одговорност за грешката, затоа што само така ќе научиме како следниот пат да бидеме подобри и поинаку да постапиме, потенцираа од ХЕРА.

Имено, од ХЕРА подготвија концепција за центри за поддршка и советување на мажи како дел од проектот „Воспоставување на мулти-професионална превенција на родово засновано насилство, работа со сторители преку пристап фокусиран на безбедноста на жртвата и советување на мажите во РСМ“. Во рамки на тие центри би се поддржале мажите во нивниот личен развој и би им се помогнало да научат како да преземаат одговорност за себе и за своето однесување. Од Асоцијацијата истакнаа дека познавањето и почитувањето на границите, желбите и потребите на мажот и на неговата социјална средина е секогаш клучна за личниот развој.

– Генерално недостигаат развиени програми во институциите на системот со кои би се работело со мажите за нивна подобра социјализацијата во општеството и за стекнување одговорни модели на однесување, поради што медиумското претставување на мажественоста честопати е единственото средство за ориентација и преземање на тие модели на однесување во нивното опкружување. Овие слики за мажот се разновидни во јавниот дискурс, поради што може се генерираат тензии и кризи кај мажите при градењето на сопствената мажественост. Последиците од ова може различно да влијаат на нив, но секако може да доведат до проблеми и за самите мажи и за нивната околина. Затоа е потребно да им се даде поддршка на мажите преку воспоставување на центри за поддршка и советување, за да се стави до знаење која е вредноста што ваквите модели ја даваат во унапредување на родовата еднаквост преку активното ангажирање на мажите и нивниот род, нагласија од ХЕРА.

Оттаму наведоа дека мажите најчесто бараат помош и поддршка кога имаат криза (развод, разделба…), кога „не можат да продолжат понатаму во животот” и кога „треба да најдат нова смисла и нов начин на живот”.

– Во вакви кризни ситуации имаат потреба и често бараат одговор на прашањата кои се моите права како маж? Може ли да добијам старателство врз децата? Обврски околу алиментација? Како да се регулира видувањето со децата? Токму затоа, препорачливо е во еден ваков центар за мажи да постојат услуги како советување и поддршка во криза, за одредени медицински или правни прашања кои се поврзани со сексуалната ориентација и родовиот идентитет на мажите, но и психосоцијален третман за насилство, преку кои се учат конструктивни начини на решавање на конфликти, комуникација и справување со стрес. Советувањето на мажите кои се жртви на насилство е исто така дел од советодавните услуги на овие програми. Ова вклучува преземање на мерки кои треба да ја решаваат противречноста помеѓу мажественоста и бидувањето жртва, односно да им се олесни на мажите и момчињата да се доживуваат себеси како жртви, посочија од ХЕРА.

Оттаму потенцираа дека поддршката што ќе ја добијат во таквиот вид на центри ќе се придонесе мажите да развијат свои, индивидуални концепти за мажественоста.

– При тоа, не се мажите единствените кои би имале директна или индиректна придобивка од ова прилично ново поле на социјалната работа и од услугите за советување. Станува збор за надминување на родовите стереотипи во општеството и со тоа проширување на опсегот на дејствување на поединците во разни социјални интеракции, потенцираа од ХЕРА.

Советувањето на мажите е алатка за рушење на постоечките структури на доминација во општеството и за приближување кон социјалната правда.

Back to top button
Close