Tоксичната „љубов“ на слaвjaнските братски народи

Прегратката од преголема љубов задушува и во обичниот живот, а камоли во односите помеѓу народите и државите. Љубовта не се диктира, туку се покажува со делата. Тој што љуби некого вистински, го почитува неговото право на самоопределување. Ова не e скица за филозофски трактат за љубовта, туку размисла за токсичноста на „братската љубов“ на „славјански“ начин. Ништо толку јасно не ја демаскира „братската славјанска љубов” како балканската историја, а во особена мера токму македонската. Сепак, овојпат на размисла ме поттикна есејот на најпрочуениот славјански автократ, Владимир Путин, со кој тој во јуни 2021-та се промовираше пред светот како „историчар“.

Со тоа тој ја потврди и исконската љубов на славјанските политичари за историјата. Геостратешката прегратка од „братска љубов” на поголемиот кон помалиот брат е особено токсична, затоа што создава страв за иднината. Попусто се обидува посилниот да го убеди покревкиот дека од него зависи неговиот безбеден пат во иднината, затоа што за таа цел треба само да ја прифати „историската вистина” на посилниот. На послабиот му е јасно дека тоа е чисто лицемерие. Кога некој ве навредува и напаѓа, а притоа ве уверува дека ве љуби братски, тоа противречи на здравиот разум. Токсичната братска љубов станува неиздржлива кога помалиот брат е првиот сосед. И ете, веднаш сме во братската „љубовна драма” меѓу Русија и Украина. Или меѓу  Бугарија и Северна Македонија!

Автократите и историјата

Секако, не зачудува што автократот во Кремљ минатото лето стана и „историчар“, затоа што автократите, всушност, се уверени дека за се‘ ги бива. Не зачудува што се врати длабоко во минатото, само за да докаже дека рускиот и украинскиот народ се „едно и исто“. Таа песна на  славјанската братска љубов,  нам, на Македонците, ни е позната од бугарската „топ листа“. Менталната матрица во која Путин во својот историски „есеј” во јуни 2021-та ја „интерпретираше” историјата на Украина на свој начин е исто така одамна позната за Македонците. Всушност, како за бугарските политичари во однос на македонската историја, и за Путин нема украинска историја, затоа што се‘ е руско! Нема ниту украински јазик, има само руски или „старословенски“. „Киевска Русија” е исконскиот документ и единствената историска вистина. Историјата не се менува, од светиот кнез Владимир до новиот автократ Владимир Путин, кого ревносните руски поклоници веќе го сметаат за светител. Секако, матрица за „есејот” на Путин произлегува од политичко-културната доктрина за „рускиот свет” („Русский мир“) дефинирана пред неколку години. Таа доктрина во Русија се нарекува „геополитички“ или „цивилизациски“ проект. Путин сега ја постави во конкретен политички контекст во однос на Украина и со тоа ги отвори картите.

Кога неговото „толкување“ на историјата се чита со македонска лупа, паѓа в очи совпаѓањето на многу елементи од токсичната приказна за „братската љубов“ на бугарската актуелна политика кон македонската држава со онаа на Русија за Украина. Не зачудува што историјата и во „есејот“ на Путин ја има силата на „објективната вистина“, заштитена од моќта на политиката.Путиновото себепромовирање во историчар е длабоко вкоренето во советската историографија, пред се‘, од времето на Сталин. На „Путиновиот проект за Украина“ историчарот Тимоти Снајдер укажа во еден напис во германскиот неделник „Цајт“ уште 2014-тата.

Идентична реторика во Бугарија

Тоа што зачудува е речиси идентичната реторика во бугарската фиксација за историјата во блокадата кон Северна Македонија. Според Путин, самиот факт на создавањето на „украинската нација“ бил „непријателски“ чин, насочен против Русија. Истото го тврдат и бугарските политичари за македонската нација. Постоењето на украинската држава за Путин е „антируски“ факт, а тоа не е далеку и од бугарската перцепција на македонската држава. Украинскиот идентитет се градел врз „омраза“ кон рускиот, тврди Путин, што, всушност, е и бугарскиот приговор на македонскиот идентитет. И за Путин украинскиот братски народ бил „изманипулиран“ од надвор, од „сили“ за кои вели дека владееле по мотото на моќта – „раздели, па владеј“, небаре тоа не е и моторот на неговото владеење. И Бугарката Захариева тврдеше дека Тито со политички инженеринг Македонците ги убедил да се чувствуваат различни од Бугарите. Кога бугарската декларација ќе ја споредите со „есејот“ на „историчарот“ Путин, мора да се запрашате: кој во овој „братско-љубовен славјански театар“ е големиот маестро? Седи ли тој  во Москва или во Софија?  Затоа што толку „случајности“ никогаш не се случајни.

Јасно е дека историјата на Путин му треба за да го зацрта рускиот империјалистички интерес кон територијата на Украина. Прашањето е, што е вистинскиот интерес на бугарската „токсична љубов“ кон Северна Македонија? Секако, Бугарија, членка на ЕУ, не би можела да си дозволи отворено да „кокетира“ со геостратешки планови кон Северна Македонија, како Русија кон Украина. Меѓутоа логично е човек да се праша, зошто и бугарската политика ја ползува „руската матрица“ во „зацртувањето“ на своето право врз „единствената историска вистина“? Јасно е што сака Путинова Русија кога тој говори дека се загрозени правата на Русите во Украина. Затоа што премиерата на таа стратегија е веќе видена со Кримското сценарио. Но што сака Бугарија кога говори дека се загрозени правата на бугарското малцинство во Северна Македонија? Во Путиновата само божемна фиксација за историјата и за љубовта кон братскиот украински народ не е тешко да се препознае империјалистичкиот стремеж на Русија во реставрацијата на „рускиот свет“. Не е јасно што е вистинскиот мотив на Бугарија во нејзината фиксација за  „историската вистина“ за Македонците.  Фантазира ли и таа со можното идно дестабилизирање на Балканот, па затоа сака во ЕУ уште сега да го „патентира“ своето исконско право врз територијата на Македонија како „историски бугарска територија“? Доколку се претпостави оваа премиса, тогаш ветото е инструмент за купување време, се‘ додека не стане јасно дали Западниот Балкан ќе опстане во истите географски рамки и во иднина. Да се надеваме дека поклопувањата во реториката на „историчарот“ Владимир Путин и онаа на бугарските историчари и политичари се навистина случајни и израз на заедничкиот „славјански менталитет“. А знаеме дека менталитетот на Балканот најбавно се менува, небаре е надисториска, архаична константа.

Kица Колбе
извор: ДВ

Back to top button
Close