Томас и Александар, навивачи на ФК Осогово кои загинаа во пожарот добија бисти на Градскиот стадион

Бистите на Томас Златков и Александар Стојанов верните навивачи на „Сејмени“ на Фудбалскиот клуб „Осогово“ во Кочани, а кои загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ пред речиси една година денеска беа откриени на Градскиот стадион од страна на нивните пријатели и семејства.
Јулија Златкова мајка на Томас Златков се обрати пред навивачите на групата „Сејмени“ и публиката на ФК „Осогово“. Таа вели дека стои со чувство на огромна болка и тага, бидејќи како што рече нема поголема болка кога мајка ќе го изгуби своето дете во трагедија.
-Томас и Александар навистина беа посебни. Овие бисти кои се поставуваат во нивна чест се токму овде на трибините, каде што се чувствуваше најмногу нивната енергија и секогаш кога ќе доаѓаме овде на стадионот, иако сме ние тажни како нивно семејство ќе бидеме и горди, бидејќи се наоѓаат на местото каде што беа најсреќни, каде што најмногу се чувствуваше нивната енергија, рече Златкова.
Таа порача бистите на Томас и Александар да стојат како вечен симбол на нивниот живот и дека најголемото богатство што човек може да го остави зад себе е добрината и споменот во срцата на луѓето.
Претседателот на советот на Општина Кочани, Антов истакна дека Томас и Александар ќе навиваат на сите натпревари на ФК „Осогово“ заедно со верните навивачи на „Сејмени“.
Пред една година во кочански „Пулс“ згаснаа 63 млади животи и над 200 беа повредни. Настаните во рамки на едногодишната од пожарот во „Пулс“ продолжуваат утре со кошаркарски натпревар, музичко-балетски перформанс, промоција на книга и доделување на признанија за лекарите и медицинскиот персонал од земјата и странство, кои учествуваа во лекувањето на повредните во дискотеката „Пулс“. Централните настани се на 16 март во Кочани.






