Томовски ќе го тужи СДСМ за да докаже дека тој и неговото семејство не се „поврзани“ со фирмата за која го обвинуваат
Директорот на владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски вечерва во Дневникот на провладиниот ТВ Сител му беше дадено простор да се „брани“ од аферата за фамилијарната блискост со фирмата „Сити аутосорсинг“ која за една година добила дури 161 тендер во вкупна вредност од 5,3 милиони евра. Томовски најави дека утре ќе го тужи Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) за овие обвинувања

Тој ги повтори обвинувањата на опозицијата дека се лага и додаде дека ниту тој, ниту неговиот татко немаат никва поврзаност со оваа фирма од 2022 година наваму.
Ги повика Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и Јавното обвинителство да покренат случај и што побрзо да го решат, затоа што само така, како што додаде, може да ја докаже својата невиност.
„Не е првпат да бидам обвинуван од СДС за разни афери и што не држат вода и се невистинити. За овој случај што деновиве е актуелен ветив дека ќе покренам тужба. Уште во текот на утрешниот ден имам договорено состанок со адвокатите што ќе ги разгледаат сите можности, секој можен начин и секое можно дело да го отворат“,кажа тој.
Говорејќи на случајот со обвинувањата дека фирмата „Сити аутосорсинг“, која добила 161 тендер во вкупна вредност од 5,3 милиони евра е негова семејна, односно на неговиот татко, Томовски вели дека тоа се невистини, како и дека татко му ја продал компанијата во 2022 година.„Татко ми е сопственик на таа компанија од самиот почеток до 2022 година, кога ВМРО-ДПМНЕ беше опозиција. Кога влегов во круговите на повисоката политика, тој ја продава фирмата, односно ја отуѓува. Од тогаш немам никаква соственичка структура, ниту мој близок има сопственичка структура во оваа компанија, ниту јас приходувам или имам некаков интерес од неа“,вели Томовски.
„И од компанијата демантираат дека тој телефонски број е во нивна сопственост. Ниту внук ми, ниту татко ми се дел од таа компанија. И тоа исто така може да провери. Со таа компанија немам никаква деловна, ниту кадровска врска“,рече тој.
Порача дека е подготвен институциите целосно да го испитаат случајот, по што, како што вели, е убеден дека ќе добие документ што ќе ја потврди неговата невиност.
„Тие ме обвинуваат, јас демантирам, но институциите треба да одлучат и да пресудат што е вистина, а што е лага. Јас ве уверувам дека ќе добиеме документ, после кој тие ќе треба да се извинат, но без разлика дали тоа ќе го направат, како што напоменав, јас покренувам тужба“,вели Томовски.
„Не гледам никаков криминал во тоа нивното толкување“,кажа тој.
Тврдеше дека дека немал информации на кои тендери учестувала и ги добила посочената компанија.
На новинарско прашање дали се точни шпекулациите дека тој е еден од најсериозните кандидати за нов генерален секретар на партијата и дека наводно тоа била една од причините опозицијата да го таргетира , рече дека незнае дали е тоа оти тоа ќе го одлучат претседателот и органите на партијата.






