Томовски вели „треба да се набави нов авион“, од СДСМ порачаа: Работниците немаат за леб, Владата ќе купува авион за Мицкоски!


Директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, денеска изјави дека е потребна набавка на нов државен авион кој би се користел за официјални и државни потреби. Според него, доколку државата сака да има сериозен имиџ на меѓународно ниво, мора да располага со соодветна опрема и средства за транспорт.

„Државата, ако сакаме да биде сериозна, треба да имаме сериозен имиџ, сериозни возила и сериозен авион“, изјави Томовски.

Посочи дека постојниот авион е стар, склон на чести дефекти и има ограничен капацитет.

„Имаме авион кој е склон на чести поправки, го носевме повеќепати на сервисирање, премал е и има околу шест седишта. Не може да се користи за соодветни делегации“, истакна Томовски.

На ова тврдење на Томовски реплицираа од опозициската СДСМ.

„Додека работниците едвај врзуваат крај со крај, додека минималната плата не ги покрива ниту основните трошоци за живот, Владата мисли на купување авион за Мицкоски. За туристички патувања, како она во Давос. Очигледно затоа одбива да им ги покачи платите на работниците. Одбива да се откаже од луксузот и вели нема пари за минимална плата од 600 евра. За покачување на минималната плата и за поддршка на приватните компании се доволни 200 милиони евра, а за авион уште стотици милиони евра повеќе не се доволни“ велат од СДСМ.

Од партијата соопштија „Груевски со пари на граѓаните купуваше мерцедес од 600 илјади евра и очила од 60 илјади евра. Мицкоски има часовници од 60 илјади евра вредни 150 минимални плати и сака да купува авион од стотици милиони евра, за туристички патувања. Ученикот сака да го надмине учителот во луксузирање врз грбот на народот“.

Back to top button
Close