Тони опасна прашина се разлева на плац зад „Макстил“
Стотици џамбо вреќи полни со опасна филтерска прашина од челичарницата „Макстил“ се оставени на отворен плац близу фабриката, во кругот на поранешната скопска Железарница. Дел од вреќите што со години стојат таму се отворени, оштетени или скинати, а од некои половина материјал е истурен, пишува Бирн.

Станува збор за прашина што содржи тешки метали, поради што е класифицирана како опасен отпад. Се создава при топењето старо железо за производство на челик, а филтерскиот систем служи за да ја собере и да го спречи нејзиното ширење низ воздухот. Ова е наложено во А-интегрираната еколошка дозвола што компанијата ја поседува повеќе од пет години и без која не може да работи.
Постапувањето со овој отпад не соодветствува секогаш со правилата пропишани во А-дозволата, според кои, прашината треба да се чува, или во складиште, или во добро затворени вреќи, и да не останува подолго од 36 месеци, туку да се даде некаде на обработка.
Државниот инспекторат за животна средина, кој е должен да контролира дали се исполнуваат условите од А-дозволата, досега не утврдил проблем. Компанијата тврди дека, без оглед на пропустите во чувањето, во нивните редовни испитувања нема забележано загадување. Експертите што ги консултираше БИРН, пак, предупредуваат дека ризиците за почвата, водите и за воздухот се реални.
…






