Тони Сали

Матурантот Тони Сали почина на 19 години. Десет години се бореше со државата да добие матичен број. Управата за водење матични книги не му издаваше извод на родени. Не му го признаваше биолошкиот татко и го условуваше за родител да му впишат странски државјанин кој не му е татко. А потоа му бараа да го поништи тоа татковство, оти – такви ни биле законите. И Тони, бидејќи немаше матичен број, не можеше да има ни матичен лекар. Ни социјална помош. Ни сметка во банка. Семејството му било сиромашно, па не можел да се лекува ни приватно. И – си умре Тони. Не се знае од што. Го нема. Ама, како никогаш и да не постоел. Останаа само петките во свидетелствата, оти некому во државава сепак му текнало дека врз основа на Конвенцијата за права на детето Тони може да се запише во училиште иако немал матичен број.

Сè е по закон во оваа држава каде што се креираат матични броеви на непостоечки граѓани, се издаваат по неколку лични карти на различни адреси на исти луѓе за крадење на избори, за пари се издаваат регуларни фалсификат пасоши на белосветски криминалци, ама ете – баш за Тони од Шутка кој бил сиромашен одличен ученик и добивал награди, никој во државата не успеал да најде решение.

Како ли ќе живеат со смртта на Тони сите оние службеници што 15 години го малтретирале детето и неговите родители со точки и запирки, ги маткале од шалтер на шалтер, од институција до институција и ги убедувале дека – такви се законите, а законите мора да се почитуваат?

На крај, ќе излезе дека случајот на Тони е системска грешка на институциите. За два три дена, ќе го заборавиме. Институциите немаат душа. Ама, во тие институции работат луѓе со име и презиме. Имаат ли тие луѓе душа? Или имаат само партиска книшка?

Целата колумна на Горан Михајловски на „СДК“ на следниот линк.

Back to top button
Close