Тонин: Усвоениот извештај во АФЕТ точно да ја одразува моменталната состојба во земјата
Денеска усвоениот извештај за Северна Македонија од страна на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) претставува компромисен текст, кој точно да ја одразува моменталната состојба во државата, порача известувачот во сенка на ЕП за земјава, словенечкиот европратеник Матеј Тонин.
– Резултатот е добро избалансиран документ, кој ефикасно ги вклучува многу од амандманите предложени од членовите на групата на Европската народна партија, нагласи Тонин, кој доаѓа од редовите на партијата Нова Словенија, членка на ЕПП.
Во писмената изјава Тонин нагласува дека во документот „особено внимание е посветено на итната потреба од усвојување на уставните амандмани што ги побара Советот на ЕУ во јули 2022 година, вклучително и вклучувањето на бугарските граѓани во Уставот“.
– Овој чекор е суштински услов за унапредување на процесот на пристапување. Затоа ги повикувам сите политички сили во Северна Македонија да се вклучат во конструктивен дијалог за да се постигне потребниот консензус, да се зајакне мултиетничкиот карактер на земјата и да се промовира социјалната кохезија. Цврсто го поддржувам патот на Северна Македонија кон пристапување во ЕУ. Откако ќе се завршат уставните измени, може да започне процесот на преговори, додаде Тонин во изјавата.
АФЕТ на Европскиот парламент денеска со 40 гласови „за“, 19 „против“ и 10 „воздржани“ го усвои Предлог-извештајот за земјава подготвен од австрискиот европратеник Томас Вајц.