Топаловски: Системот „Безбеден град“ нема да казнува ако возачот навистина спасува живот и вози со 4 трепкачи

Во гостувањето во емисијата „Претрес“, началникот на СВР Скопје, Сашо Топаловски, појасни дека системот „Сејф сити“ ќе прави разлика меѓу реални итни ситуации и прекршоци, нагласувајќи дека нема да се казнуваат возачи кои имаат оправдана причина да возат со четири трепкачи.

„Ќе провериме ако некој вози со четири трепкачи дали навистина брзал да спаси живот – свој или на близок. Ако човекот одел во болница, нема теорија да биде казнет. Тоа може да се провери и казната ќе се повлече,“ изјави Топаловски.

Тој истакна дека системот не е создаден да санкционира возачи кои имаат технички проблем:

„Ако некој има расипано возило и вози со четири трепкачи, сигурно нема да добие казна.“

Топаловски објасни дека „Сејф сити“ е технички поставен така што ниеден видео-запис не може да биде избришан.

Системот е дизајниран никој да нема можност да избрише видео-запис. Снимките остануваат трајно – месец или година, не знам точно. Но не може да се случи прекршок да не биде процесиран. Системот ќе ги обработи сите прекршоци и известувањето ќе стигне на електронска пошта или порака,“ рече тој.

Во однос на можни обиди за сокривање регистарски таблички со гелови, лакови или ливчиња, Топаловски додаде дека МВР внимателно ги следи сите трикови што кружат на интернет и дека ќе реагира доколку се појават такви случаи.

Back to top button
Close