Топла вода

 

Треба да му се верува и на премиерот Димитар Ковачевски дека сè ќе биде во ред, особено по вонредната ноќна прес-конференција на која откри дека ќе има топла вода. Додуша, изгледаше малку како нервозен директор пред кооперација, ама па и новинарите многу го нервираа – прашуваат на полноќ. Како интелигентно им одговори: „Доколку сте плаќале сметки, не знам дали плаќате дома сметки…“. Туф, туф… А министрите зад него одушевено се смеат, леле, леле, како им го плесна на глупите новинари. Им рече дека ќе пушти топла вода низ цевките. Колку сте шеговит шефе! Уф, ги закопа…

Многу е силен премиерот на домашен терен на Илинденска, покрај Вардар. Ама затоа на Ист Ривер во Њујорк, пред една недела на Генералното собрание на ОН читаше поезија. Наместо да им плесне во говорот и за Бугарите и за непринципелноста на ЕУ што ни направи дестабилизација на државата и за непочитување на малцинските права во земја-членка на ЕУ, тој им рецитираше за мир во светот, мир во земјата. Дома ги омаловажува македонските новинари што ги викнал на вонредна прес-конференција среде ноќ, мислиш Путин веќе ги пуштил нуклеарните ракети кон Македонија, а лани, на јунскиот Самит на ЕУ кога првпат го одби Францускиот предлог во Брисел, буквално бегаше од бугарските новинари. Наместо тој лично да се истакне со својата цинична досетливост, па да го исцитираат во нивните медиуми, го остави Еди Рама да ни го бели образот, тој да им кажува дека „Бугарија е срам за ЕУ со тоа што ѝ го прави на Македонија“. Таму очекувавме да ја брани Македонија, каде што ќе го слушнат и странски новинари, а не дома да ги омаловажува домашните со досетки од типот „Се надевам дека вие како медиум следите дека во Европа има војна…“. Туф, туф… Не. Ние не следиме. Вие следите.

Па и дома, ако е толку јак, што не им с’рже на Али Ахмети и на Артан Груби што си водат паралелна Влада? Што ја остава ДУИ сама да ни ја води државата без да го есапи?

На крајот на краиштата, свикал прес-конференција, новинарите се тука да прашуваат, а Ковачевски нека извини ако не му се допаѓаат прашањата. Основа на културно однесување на кој било политичар, а на премиер особено, е да имаш одговор или да се обидеш да го дадеш одговорот што е можно поверодостојно, на секое новинарско прашање. Оти, премиерот не одговара на новинарите. Одговара на јавноста. И ова не е борба на суети. Ова е однос кон јавноста, која премиерот ја омаловажи со тоа што со грубост и ароганција го покри своето незнаење или неспособност.

Целата колумна на Горан Михајловски тука

Back to top button
Close