Топлотен бран од југ: до 20 декември без снег и без зимски услови

Во текот на целата наредна седмица, територијата на државата ќе биде под силно влијание на антициклон и релативно топла воздушна маса од југ, која ќе донесе значително повисоки температури од вообичаените за овој период од годината. Метеоролошките анализи на Метеоаларм укажуваат дека дневните температури ќе бидат повисоки за околу, а на места и за повеќе од 10 степени над декемвриските просеци, при што во некои региони ќе се искачат до речиси 20 степени.
Утринските часови сепак ќе бидат постудени, со минимални температури што ќе се движат околу или неколку степени под нулата.
Поради стабилната атмосфера, слабиот ветер и високот воздушен притисок, во котлините ќе се создаваат поволни услови за појава на магла и ниска облачност. На одделни локации маглата ќе биде густа и ќе се задржува во текот на целиот ден, што ќе доведе до пониски дневни температури во тие подрачја.
Слична состојба се очекува и во скопската котлина, каде маглата повремено ќе биде изразена, особено во утринските и вечерните часови.
Според актуелните модели, барем до 20 декември нема изгледи за зимски услови ниту за појава на снег во земјата, а зимското сценарио за сега останува одложено.
Во изминатите 24 часа Македонија беше зафатена од обемен влажен бран од југ кој предизвика врнежи од дожд во сите региони, а пообилни врнежи беа регистрирани во западните и јужните делови. На планините над 1700–1800 метри надморска височина дождот преминуваше во снег.
Најмногу дожд за овој период, 30 литри на метар квадратен, е измерен во Маврово до утрово во 7 часот.
Извор: skopje1.mk






