Топлотните бранови го нарушуваат и менталното здравје: Растат агресијата, анксиозноста и насилството

Екстремно високите температури не влијаат само врз физичкото здравје, туку можат сериозно да го нарушат и менталното здравје, предупредуваат експерти. За време на топлотни бранови се бележи зголемување на случаите на анксиозност, нарушувања на сонот, агресивно однесување и психијатриски интервенции.

Покрај дехидратацијата и дополнителното оптоварување на кардиоваскуларниот систем, високите температури можат значително да влијаат и врз расположението и емоционалната стабилност, пренесуваат француските медиуми.

Психијатарот и истражувач Марин Акуаи објаснува дека топлината предизвикува промени во одредени невротрансмитери во мозокот.

„На биолошко ниво, топлината предизвикува промени во невротрансмитерите“, вели Акуаи.

Според стручњаците, екстремната жештина влијае врз серотонинот, кој има важна улога во регулирањето на расположението, како и врз допаминот, кој е поврзан со однесувањето.

Дополнително, високите температури го нарушуваат функционирањето на хипоталамусот – делот од мозокот задолжен за регулирање на телесната температура. Кога температурите не се намалуваат во текот на ноќта, значително се нарушува и сонот„Кога температурата не паѓа во текот на ноќта, луѓето не можат нормално да спијат. Како последица, стануваме пораздразливи, поанксиозни и понервозни“, посочува Акуаи.

Истражувањата покажуваат дека во Франција речиси 28 проценти од убиствата се случуваат во текот на летните месеци, со најголем број случаи во јули. Слични анализи во САД, исто така, укажуваат на пораст на насилните инциденти за време на екстремни горештини.

Експертите предупредуваат дека топлотните бранови можат да придонесат и за зголемување на семејното насилство, при што особено ранливи се жените и децата. Изолацијата предизвикана од жештините дополнително може да ги влоши семејните конфликти.

Истражувањата покажуваат и дека со секој дополнителен степен на пораст на температурата, ризикот од самоубиства може да се зголеми за околу 1,5 проценти, иако оваа поврзаност не е целосно линеарна.

Франција деновиве се соочува со еден од најсилните топлотни бранови во историјата. Земјата забележа 339 нови температурни рекорди, а највисоката температура од 44,3 степени Целзиусови е измерена во местото Пизос, во департманот Ланд.

Поради екстремните горештини, 58 француски департмани се ставени под највисоко, црвено ниво на тревога, што опфаќа околу 44 милиони жители.

Back to top button
Close