Топовите сеуште грмат…

Ѓорѓи Тоновски

 

Војната и натаму ја има. Мирот сеуште го нема. Пак војна без мир. Војната и мирот сеуште го брануваат животот на земјата. Биле и се предмет за многубројни научни, литературни и публицистички дебати како и за безброј човечки материјални и духовни творби. Цел на истражувачите е да се открие вистинската причина, природа, суштина на војната и мирот, и особено да се согледаат воените разорни последици врз општеството. При тоа, војната ја подржува помалиот дел од општествено-цивилизациската јавност, а мирот го посакуваат сите кои сакаат спокојно живеење и развој на човековиот род без деструкции, антихуманизам и уништување на светското културно богатство и наследство. Овие две состојби се меѓусебно дијаметрално спротивставени и конфронтирани – едната состојба (војната) е dark sight–от (темната страна) на воената општествена стварност и е проследена со назадување или стагнација на движењето на цивилизацијата, додека другата состојба (мирот) е bright sight-от (светлата страна) на цивилизацијата. Уметниците војната ја претставуваат во црна боја. Но мирот го отсликуваат со боите на виножитото.

Интересно е дека војната и мирот се случуваат константно низ целата историја на светот, тие се случуваат или меѓу поединечни општества или зафаќаат планетарни размери (двете големи светски војни). Светската јавност е речиси секојдневно бомбардирана со вести за мировни преговори или за воени дејствија ширум светот. Војната е, всушност, непобитен показател и факт дека човекот сеуште содржи дел од наследени исконски анимални остатоци и карактеристики во своето битие. Тој е сеуште заробеник на недоразвиеноста и несозреаноста на цивилизацијата. Тоа е една од причините за генерирани континуирани непријателства меѓу луѓето. На ова се надоврзува и недостаток на мирни средства и начини со кои овие негативни импулси во човековото однесување би се разрешувале и надминувале низ методот на цивилизиран дијалог. Оваа слабост во меѓучовечките односи честопати во одделни теоретски и јавни расправи се толкува како наводно сознание дека војната можеби е генетска особина на човечката природа, а тоа се одразува и врз меѓународните општествени односи. За волја на вистината, во политичката практика сеуште постојат елементи кои ја подгреваат оваа мисла. На пример, во политиките на современата меѓународна заедница сеуште е силна амбицијата на поедини лидери со ЏингисКановска провиниенција да освојуваат нови туѓи колонијални територии, да ги обновуваат старите империи или да создаваат нови моќни и доминантни империи кои ќе го имаат главниот збор во меѓународните односи. За таквите „новокомпонирани императори” мирот во светот претставува само идеализирана пуста желба и претстава. Тоа негативно го бранува светот и ги успорува чекорите кон среќната иднина на човековиот род. Најдрастичен пример за тоа се случувањата кои во овој момент го потресуваат Европскиот континент за кого мислевме дека е најстабилниот гарант и водич кон мирот. Конституирањето на Европската Унија се доживуваше како духовен, културен и материјален простор од кој натаму ќе се шири и јакне процесот на глобализација и на нови хоризонти во развојот на сите на планетата. Во оваа евроатлантска интеграција беа положени и очекувањата дека поимот и суровата практика на војната дефинитивно исчезнуваат од животот на континентот и натаму низ планетарниот простор. Дури, осведочените оптимисти и аналитичари мирот го третираа како петти столб, покрај четирите столба врз кои таа требаше да почива (слободно движење на капиталот, на луѓето, на стоките и на идеите). Мирот и неговите механизми беа доживувани како рамка/средина во која мирот го поткрепува и го штити целиот овој општествен процес и конструкција на Европскиот простор. За жал тоа оди со доста потешкотии, но, за среќа, „сепак се движи” (Галилео Галилеј).

Крајот на војната е знак на победа на доброто кое до тогаш било запретано во смрт, рушевини и крвави спомени. Познатиот француски лирик Жак Превер во својата прекрасна песна на неговата незнаена, а сепак посакувана Барбара ѝ вели: Ох Барбара, Голема свинштина е оваа војна/ И што е со тебе сега/ Под дождот од железо/ Оган челик и крв. Но доброто сепак го победува злото, птицата Феникс моќно ја чува, ја обновува и ја развива човековата цивилизација. Развојот е неумитен и несопирлив, тој го држи светот во мејнстримот на цивилизацијата и на хуманизацијата и води „Кон „очовечување на човекот” – Мито Хаџи Василев Јасмин. Прогресивниот свет сонува за мир и за дефинитивен молк на оружјето. Тој сака да го вгради својот труд, инвентивност, хуманост, висок професионализам, визионерство и креативност во мејнстримот на вкупната светска социјална енергија со помош на мирот како најубав дар за човештвото. Сепак, иднината му припаѓа на мирот и на љубовта. „Make a love, not a war”.

Во оваа смисла, во современиот свет постојат два објекти, едниот е природен, а другиот е дело на човековата рака (креација, визија) кои претставуваат симболи за приоритетните општествени вредности со кои човекот ги совладува премрежијата на секојдневието без војна и пролевање на солзи и крв. Тие објекти имаат длабоко симболичко значење за гранитноста на човековата заедница. Недостасува трет таков објект за да се комплетира сликата за одлучноста и моќта на човечкото суштество. Тие се:

Првиот објект е Монт Еверест, или Врвот на светот. Тој ја симболизира човековата храброст, сила и психо-физичка надмоќ на човечките суштества кои и покрај нивната природна ограниченост во однос на физичкиот простор, сепак со својата енергичност и вештини него го освојуваат, совладуваат и доминираат над него. Овој објект, истовремено ја нагласува потребата од заштита на природата во целиот нејзин диверзитет.

Вториот објект е Статуата на Слободата (Statue of Liberty) во Њу Јорк. Таа е артифициран објект кој ја симболизира одлучноста и моќта на светот да ја промовира, да ја заштити и да ја авансира идејата и практиката на големите химанистички идеи и определби за слободата, демократијата и човековите права во светот.

Третиот објект за жал сеуште е во зародиш. Тоа би требало да биде грандиозниот тнр. Храм на мирот. Тој треба да ја сомболизира непресушната потреба на светската заедница за мир во светот. Мирот засега има свои симболи во Гулабот на мирот и во Маслиновото гранче. Но покрај нив, потребен е грандиозен светски објект кој ќе ја нагласува потребата на светската заедница за мирен, стабилен, долговечен и континуиран развој на човековиот род.

 

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close