ТОРБА ПАРИ

„Сѐ за мојот народ“. А за „твојот“ народ? Е, баш ме заболе...

Што туку се фали премиерот Христијан Мицкоски, дека ќе правел нови темели врз пепел и прав што наследил пред една година, кога темелите му се дивоградба? Еве му чист случај. Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, истата таа што пред четири години беше негов избор за градоначалник на главниот град, на тацна им ги дава документите за организиран криминал во Општина Чаир.

Точно е дека Арсовска го запусти градот, дека немаме јавен превоз, дека се задушуваме во ѓубре, дека е терсене карактер и ред други работи за кои може да се рече дека ја прават најлош градоначалник во историјата на Скопје. Точно и дека не знаеме која ѝ е мотивацијата дури сега, пред крај на мандатот, да открива криминал и урбана мафија. Точно е и дека со меѓусебни навреди со градоначалникот на Чаир Висар Ганиу за тоа кој е поголем криминалец го релативизираат криминалот. Ама, зарем тоа е важно?

Факт е дека има криминал. Факт е дека се поднесени пријави. И факт е дека досега нема реакција.

Еве ви докази со документи за антидатирани дозволи за градба. Станбена зграда изградена во 2024 пријавена за легализација во 2011. Кога пишуваа медиумите за едно чудо станбени згради во Чаир легализирани со фалсификат, ги игнориравте. Сега ја игнорирате и вашата градоначалничка. Се докажувате со неа кој е надлежен да урива дивоградби. Па, побогу, ако таа не вади механизација, оти нема надлежност, вие извадете ја. Имате Државен градежен инспекторат. Зафркнете ја. Земете ѝ ја славата.

И тоа Обвинителство – што чека? Чекаат пожар во Општината да изгори документацијата како што изгоре во Дирекцијата на „Македонски пошти“ и во Инспекторатот за животна средина?

Кога ВМРО-ДПМНЕ беше опозиција, секој ден на глава ни се качуваа дека Зоран Заев не смее да му писне на Али Ахмети. За разлика од сега, кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, па Мицкоски не смее да му писне на еден градоначалник на општина во која илјадници граѓани живеат во згради што се дивоградби.

Па, ако власта ја игнорира градоначалничката и медиумите, тогаш нека им помогне на граѓаните кои живеат во небезбедни згради затоа што се измамени од мафија. И нека ги праша: Како ги плаќале становите? Во кеш? На тој 11-годишниот што бил инвеститор, како што тврди градоначалничката, му уплаќале ужинка со торба пари во дневен престој? Кој му ги прибирал парите? И кај ги чувал? Во шкафче. Само на неговото шкафче немало сликичка со нацртана пепертутка или мече. Кај него имало нацртано зграда.

Има едно чудо неодговорени прашања на кои, во духот на историската борба против корупцијата и на најавите дека најдоброто допрва доаѓа, власта треба да одговори.

Целата колумна на Горан Михајловски  на СДК.МК

Back to top button
Close