Тошковски: Филмски уапсивме шверцери на дрога, марихуаната ја запленивме полицајците ќе ги наградиме

„Сакам да се заблагодарам на полициските службеници кои што учестуваа директно во рамки на оваа акција. Информиран сум дека ова било доста така кажано филмско апсење на криминалците кои ја транспортирале дрогата, така што благодарност до нив, честитки за сработеното“, изјави денеска министерот за внатрешни работи

Полициски тим на Секторот за внатрешни работи (СВР) Струмица вчера разбил меѓународен канал за трговија со дрога. Во акцијата, како што информира денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, полицијата запленила околу 100 килограми марихуана и биле уапсени неколку лица.

 

Тошковски информацијата за акцијата ја соопшти одговорајќи на новинарско прашање за време на прес-конференцијата со својот литвански колега Владислав Кондратович по потпишувањето на договорот за реадмисија меѓу двете држави.

„Во текот на вчерашниот ден Министерството за внатрешни работи (МВР), поточно СВР Струмица, разбија еден меѓународен канал за нелегална трговија со дрога и успеаја да запленат околу 100 килограми марихуана која што беше превезувана на територија на СВР Струмица“рече Тошковски.

Целта на транспорот, според првичните информации, како што кажа, била марихуаната да биде изнесена надвор од државата.

Дополнително, министерот рече дека информациите што ги добил, велат оти апсењето на лицата што ја транспортирале дрогата било филмско и им се заблагодари на полицајците што учествувале во акцијата, без да сподели повеќе детали.

„Сакам да се заблагодарам на полициските службеници кои што учестуваа директно во рамки на оваа акција. Информиран сум дека ова било доста, така кажано, филмско апсење на криминалците кои ја транспортирале дрогата, така што благодарност до нив, честитки за сработеното“рече министерот за внатрешни работи.

Воедно, тој бил информиран од началникот на СВР Струмица дека ќе даде предлог полициските службеници што учестувале во акцијата да бидат нагредени.

„Јас со задоволство ќе го прифатам предлогот и соодветно, согласно законот, ќе ги наградиме полициските службеници кои во рамки на своето работење ја извршија оваа акција“кажа министерот за внатрешни работи.

Од Министерството за внатрешни работи и од надлежно јавно обвинителство засега официјално не соопштија детали во врска со оваа акција што била реализирана вчера

Back to top button
Close