Тошковски: Граничниот полицаец бил возбуден од политичката големина на Артан Груби и луксузот на возилото
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на денешната седница на пратенички прашања во Собранието рече дека се истражува дали граничниот полицаец, кој го пропуштил поранешен вицепремиер Артан Груби на границата со Косово, бил дел од организирано бегство, или пак направил ненамерна грешка.
„Во раните утрински часови во недела, лицето ја напушта Македонија со возило со дипломатски таблици, и истото е совозач и при тоа од страна на полицискиот службеник на гранична полиција се прави кардинална грешка. Наместо да констатира дека е на „стоп листа“ истиот вознемирен и возбуден од страна на политичката големина на лицето и луксузот на возилото, без да постапи по стандардно процедура, го пропушта и тој излегува непречено од територија на Македонија. А кога службеникот констатира што направил, лицето веќе е на територија на Косово. Обезбеден е видео-запис од камерите кои снимаат 24 часа на граница.
Доставена е кривична пријава за несовесно работење во служба. Има видео запис и ова е неспорен доказ. Но се истражува и дали е сторена ненамерна грешка или со умисла е настанато сево ова.Затоа се обезбедени мобилни телефони и други материјални докази, за брзо ќе ја утврдиме реалноста дали е организирано бегството или ненамерна грешка на полициски службеник.Точно е дека не работат боди камерите, но добар дел од нив не работат три-четири години. Поради тоа е казнет тамошниот раководител зошто не обезбедил соодветен процес на снимање“, рече Тошковски.
Тој додаде дека одговорниот полициски службеник кој не обезбедил батерии за работа на боди камерите не се поврзува со бегството на Груби.