Тошковски: МВР не смее да издава било каков акт без претходна согласност од надлежните институции

Министерството за внатрешни работи не смее и не може да издаде било каков акт, кој претходно поставува согласност од друга институција, која е поврзана со конкретни надлежности за проверки и постапува исто со сите баратели кои се по потекло од Македонија, па и со оние што сега живеат во Република Турција. Ова го истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски одговарајќи на пратеничко прашање на Сали Мурати од Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија во врска со почитувањето на роковите на ресорното Министерство во однос на издавањето лични документи за турски државјани.

– За овие постапки за МВР да постапи позитивно мора да има позитивен одговор од страна на сите други надлежни институции. Нашето постапување во конкретната ситуација е суштински поврзано со претходни чекори, кои треба да се преземат од страна на други институции од кои зависи одговорот што ќе го даде и МВР. Како и во сите други постапки, кои ги преземаме согласно закон, така и во оваа постапуваме согласно утврдените рокови, по обезбедување на претходните документи согласности и потребни лични податоци за секој од барателите од страна на надлежни институции, рече Тошковски.

Тој потсети на состојбата која ја наследил во МВР со немањето обрасци за лични документи.

-Согласно закон немаше овозможени обрасци за македонските државјани, кои се декларираат како турци. Ги овозможивме обрасците и сега се издаваат македонските пасоши и на турски јазик. Околу 9.000 барања се поднесени изминатите четири години, рече Тошковски.

Back to top button
Close