Тошковски: Опозицијата манипулира – нема да има началници без стаж, туку јасни критериуми и тестови за унапредување во МВРAvatar
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, ја отфрли критиката на опозицијата во врска со предложените измени на Законот за полиција, нарекувајќи ги „лажни тврдења и политички инсинуации“.
„Станува збор за тенденциозно извртување на фактите со цел политичко профитирање и свесно ширење дезинформации“, изјави Тошковски.
Член 63 јасно предвидува дека лице без стаж може да биде вработено само како ‘помлад извршител’. Исто важи и за оние со стаж, но не во стручната област – само најниска позиција. Досега вакви ограничувања немаше.“
Според новиот систем, постојат само пет извршни позиции, а преминувањето кон повисока е строго ограничено – најмногу две скалила нагоре, што е поограничувачки од сегашниот закон.
Клучна новина е што секој што сака да напредува во раководна функција, ќе мора задолжително да положи тест за раководење, пропишан во член 104.
„Тестот е елиминаторен. Се унапредува само оној што има капацитет, а не врски“, нагласи Тошковски.
Дополнително, во систематизацијата е вграден принцип на градација, според кој секое повисоко место бара соодветно искуство. Без исполнети критериуми, нема унапредување.
Во однос на директорската позиција во Бирото за јавна безбедност, тој вели дека се предвидува строг услов: кандидатот мора да има најмалку 12 години искуство во полицијата.
Новина е и воведувањето функција заменик-директор, која според Тошковски е системско решение за континуитет, а не дуплирање на овластувања.
„Во услови на зголемени безбедносни предизвици, мора да обезбедиме институционална стабилност. Оваа функција е нормална пракса во големи системи.“
Министерот ја повика опозицијата да престане со, како што рече, селективни и манипулативни толкувања на законските одредби.
„Закон не се чита со вадење еден член, туку во целина. Бараме одговорност и зрелост – безбедноста на државата не смее да се жртвува за дневно-политички поени.“