Тошковски: Прашање е како е донесена одлука да му се врати патната исправа на Јахоски, а не зошто МВР постапило согласно судска одлука
Министерството за внатрешни работи постапува согласно одлука донесена од страна на Судот. Ова е одговорот на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во врска со осомничениот за злоупотреби со мазутот за ТЕЦ „Неготино“, Асмир Јахоски, кој е во домашен притвор и на кого му е одземена патната исправа.
Тошковски вели дека суштината на прашањето треба да биде како е донесена одлуката од Судот за враќање на патната исправа, а не зошто МВР постапило согласно таа одлука.
„МВР постапува согласно одлука донесена од страна на Судот. Како и за други личности кои беа исто така од интерес за јавноста во минатото кога постапивме согласно законски надлежности и во рамки на итна постапка сме издвале документи за еден ден, така и во овој случај постапуваме и издаваме по одлука на судот документација соодветна во рамки на надлежност на Министерството, најдбрзо што може кога е по итна постапка“, рече Тошковски во изјава за медиуми по Меѓународната конференција по повод 50 години од основањето на Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет – Скопје.
Министерот додаде дека МВР не може да постапи поинаку, ниту сега, ниту претходно, ниту во иднина, спротивно на наредба од обвинител или одлука од надлежен суд.
„МВР не може да постапи поинаку. Ниту сега, ниту претходно, ниту па во иднина нема да постапиме спротивно на наредба дадена од страна на обвинител и на одлука донесена од страна на надлежниот суд“, додаде Тошковски
Асмир Јахоски, сопственикот на „Пуцко петрол“, кој има мерки за претпазливост во истрагата за злоупотреби со мазутот за ТЕЦ „Неготино“, патувал надвор од државата со патна исправа со ограничен рок на важење. Тој ја напуштил државата на граничниот премин „Богородица“ на 30 мај и се вратил преку истиот премин на 2 јуни.
МВР потврди дека лицето извршило излез од државата со патна исправа со ограничен рок на важење, издадена по претходно донесено Решение на Апелациониот суд од 29 мај 2025 година, со кое се дава согласност на Јахоски да му се издаде патна исправа со ограничен рок на важење.
Јахоски вчера претпладне се пријавил во Кривичниот суд Скопје, со што ја исполнил обврската за редовно пријавување.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ вчера соопшти дека Јахоски, за кого се води постапка, ужива на Босфор, откако добил домашен притвор.
Од скопскиот Кривичен суд појаснија дека во текот на мај, одбраната на осомничениот поднела барање за враќање на патната исправа, односно издавање нова, кое барање било одбиено од Кривичниот суд. По жалба, предметот бил доставен до Апелациониот суд Скопје.
Од скопска Апелација велат дека тие не издаваат патни исправи, бидејќи тоа е обврска на други надлежни институции.
На 6 мај годинава Апелациониот суд ја уважи жалбата на Јахоски и ја преиначи одлуката на Кривичниот суд и се укина мерката притвор за него со прифаќање на гаранција со ставање хипотека на имот.
Со гаранција од над два милиони евра, Јахоски излезе од затворот во Шутка.
Од Апелација тогаш посочија дека спрема осомничениот А.Ј. се определени мерки на претпазливост, односно тој има обврска да се јавува повремено на определено службено лице во Основен кривичен суд Скопје, а привремено ќе му биде одземена постојната патна исправа и ќе има забрана за издавање на нова.
Јахоски е осомничен во рамки на истрагата со која се опфатени и сопствениците на фирмата РКМ, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, како и избеганиот поранешен директор на ЕСМ Васко Ковачевски поради злоупотреби со набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“ вредни над 160 милиони евра во време на енергетската криза.
Извор: 360stepeni.mk