Тошковски во одбрана на премиерот: Нема притисок врз обвинителството за случајот со мазутот, повикот на Мицкоски бил за информации

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски тврди дека нема никакви знаци за притисок врз Јавното обвинителство, по објавите за телефонски разговор меѓу премиерот Христијан Мицкоски и државниот јавен обвинител Ненад Савески.

Контроверзијата се отвори во јавноста откако разговорот бил поврзан со одлуката за запирање на постапката околу набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“, предмет што веќе извесно време предизвикува политички тензии меѓу власта, обвинителството и опозицијата.

Во изјава за Канал 5, Тошковски застана во одбрана на премиерот, нагласувајќи дека не верува оти Мицкоски би влегол во каква било форма на недозволена комуникација или влијание врз обвинителските постапки.

Според него, повикот најверојатно бил мотивиран од потреба за појаснување и добивање првични информации за случај кој веќе предизвикал силен јавен интерес.

Иако го брани премиерот од обвинувањата за политички притисок, Тошковски во исто време отвора и прашања околу самата суштина на предметот.

Тој оцени дека е нејасно како претходно постоеле индиции и активности, а подоцна постапката била запрена со образложение дека нема доволно докази. Според него, ваквите контрадикции бараат дополнително објаснување и транспарентност од обвинителството.

Од Јавното обвинителство соопштија дека разговорот меѓу Савески и премиерот бил прв од таков тип, но децидно нагласија дека не се разговарало за детали од конкретни предмети, меѓу кои и случајот со мазутот за ТЕЦ „Неготино“.

Тие дополнително подвлекоа дека одлуките во конкретната постапка ги носи надлежниот обвинител во Обвинителството за организиран криминал, инсистирајќи дека независноста на институцијата е уставно загарантирана и обврзувачка за сите.

 

Back to top button
Close