Тошковски за најновото врсничко насилство во Скопје: Кривични и за децата и за нивните родители
„МВР за овој, како и за сите останати случаи ги презеде сите оние дејствија коишто се во рамки на негова надлежност, односно најпрвин постапи во насока на разговор со жртвата и нејзиниот родител, потоа беа повикани сите инволвирани во случајот, како оние што имаат преземено директно насилство врз жртвата, така и оние што беа сведоци на настанот, како и за оние кои го документираа, односно го снимаа настанот.

Тие дечиња беа повикани, со нивните родители. Беше известен јавен обвинител, беше утврдено од страна на надлежен лекар констатирани здравствени прегледи на жртвата и во текот на денешниот ден, во консултација со надлежен јавен обвинител за дел од тие што присуствувале на самиот настан ќе бидат поднесени кривични пријави против оној што исполнува законски услови за истото, но и против родителите“, изјави министерот на внатрешни работи, Панче Тошковски.
Според него, станува збор за кривична пријава за насилство која ќе биде поднесена и воедно „малтретирање и запуштање на малолетно лице“.
-Со тоа ние ќе си ја срабатиме работата како МВР, како што сме ја сработиле и во рамки на другите случаи во минатото, но очигледно она кое го работи Министерството не е доволно, односно понатаму треба да постапи Јавното обвинителство и Судот и сето тоа да биде соодветно споделено со јавноста и преку медиумите да бидат запознати сите оние кои во иднина повторно ќе се дрзнат да направат вакво насилство дека за сите следи санкција, дека за нивните родители ќе се следи санкција и дека оваа држава нема да дозволи ваков тип на грозоморно насилство коешто македонскиот народ и македонските граѓани имаа прилика да го посведочат во текот на вчерашниот ден, истакна Тошковски.
На новинарско прашање дали се размислува за повторно враќање на позорникарите или „маалските полицајци“ министерот одговори дека се преземаат мерки за што е можно поголемо присуство на полицијата на терен.
-Но, сепак вработени во МВР се 11.650 вкупно и тие не можат да ја покријат територијата на Македонија во секое едно место каде што имаме присуство на граѓани. Но, пак ќе повторна работиме максимално на зајакнување на капацитетите и присуството на полицијата на терен. Со денешниве технологии многу е тешко да се скрие насилство, особено насилство што е сторено на јавен простор. Институционалниот одговор којшто треба да го даде МВР гледаме во континуитет дека го дава. Дали треба да ги јакнеме капацитетите? Треба. Дали треба во иднина да го зголемиме бројот на камери што би ги имале низ градовите во Македонија? Треба. Дали работиме на тоа? Да, работиме. Така што посветени сме на соодветен одговор, но овие предизвици навистина не се така лесни и не се така мали. Ќе сториме се што е потребно, особено за да може да си ги заштитиме дечињата и безбедноста на најранливата категорија којашто ја имаме во нашето општество, рече Тошковски.






