Тошковски за скандалот со братот на Стефковски: Постои пракса меѓу одредени сообраќајци – воделе „тефтерчиња“ со лица што би можеле да бидат жртвени јарци за туѓи прекршоци

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во синоќешното гостување во емисијата „Само интервју“ изрази благодарност до СДСМ за тоа што го обелодени скандалот поврзан со братот на градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, кој возел со преголема брзина низ скопските булевари и, наводно, се обидел да избегне казна со влијание и врски.

– Претпоставувам дека дел од опозицијата знаеле за вакви случаи и претходно, но тогаш молчеле. Сепак, добро е што конечно се отвора оваа Пандорина кутија. Возачот е казнет, дошол во полициска станица, признал и платил. Но проблем е што, за прекршокот, во системот е внесено сосема друго лице, со матичен број и име што нема никаква врска со настанот – истакна Тошковски.

Тој посочи дека ова не е изолиран случај и дека постои пракса меѓу одредени сообраќајци кои воделе „тефтерчиња“ со имиња на лица што би можеле да бидат искористени како жртвени јарци за туѓи прекршоци. – Оди после разбери се на суд – додаде тој.

Министерот нагласи дека проектот „Сејф Сити“ е значаен токму заради вакви случаи, бидејќи обезбедува фотографија од возилото и возачот, што не остава простор за манипулации.

Според информации од Одделот за внатрешна контрола, двајцата полицајци – сообраќаецот и нивниот началник – тврдат дека никој не им се јавил. Тошковски додаде дека истрагата сè уште трае и ќе се утврди што точно се случило.

Претходно, СДСМ објави видеоснимка од полициски радар на која, според партијата, се гледа братот на градоначалникот како вози со прекумерна брзина. Тие тврдат дека полицијата, иако го сопрела, не го казнила, бидејќи, наводно, началник на МВР – кој во тој момент не бил ни во земјата – им наредил на полицајците да не постапуваат, а прекршокот да го запишат на друго лице.

Back to top button
Close