Тозија поднел барање до Владата да не го разрешува

Директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, доставил барање до Владата да не го разрешува од функцијата, по предметот против него кој го отвори Државната изборна комисија за пропусти во финансиското работење. Тој на денешната прес-конференција кажа дека одлуката на ДКСК била мотивирана од режисерот Милчо Манчевски кој ја поднел пријавата.

Мотивот е многу специфичен да го кажам. Имам јас адвокатски тим кој работи на тоа и тоа ќе биде објавено кога ќе дојде малку помирно време. Сакам да се радуваме на успесите на државата, а не да влегувам во такви валкани игри. Меѓутоа, притисокот беше евидентен. Знаеме кој ја повика Антикорупциска и со кои мотиви. Кој го инволвира Министерството за култура, кое стана дуќанче на дотичниот. Милчо Манчевски не е ниту мој проблем, ниту на Агенцијата. Ако продолжи вака, Манчевски е проблем на Македонија. Сум му бил продуцент на „Пред дождот“ и сум направил многу за него да остане режисер, да го заврши филмот и филмот да му биде успешен“,изјави директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија.

На денешната прес-конференција Тозија соопшти дека по 500 000 евра ќе добијат режисерите Теона Стругар Митевска за проектот „Најсреќниот човек“ и Милчо Манчевски за „Кајмак“ во категоријата долгометражни играни филмови со мнозински македонски удел. Одлуката за прифатените проекти за финансиска поддршка по објавениот конкурс од 15 јануари 2020, во првиот рок на одлучување, ја донел Управниот одбор на Агенцијата за филм, а поддршка ќе добијат уште 18 филмски проекти во различни категории.

Тозија се пожали на притисоци, но и на кратењето на буџетот без консултации од страна на Министерството за култура за 750 илјади евра од вкупниот буџет на Агецијата за филм кој изнесувал 2,5 милиона евра од Владата.

„Конкурсот е завршен и резултатите се објавени дури и пред време. Ова беше тежок и тензичен, предизборен период, во политичка атмосфера која се чувствува секој ден. Имаше невиден притисок од институциите кои си ги надминаа овластувањата да вршат притисок врз Агенцијата. Притисок и од медиумите и од филмски автори кои ги сметаат за многу влијателни личности. Секогаш ќе има незадоволни, но начинот на изразување на незадоволството никогаш не бил ваков. Добивме такви незаслужени удари дека на некој мора да му се даде, но јас не сум спремен на некои компромиси. Имаме корона, а со сето ова имавме дупла корона“,изјави Тозија.

ДКСК бара разрешување поради финансиското работење

На вчерашната прес-конференција ДКСК соопшти дека бара разрешување на директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија заради пропусти во финансисикото работење. Според антикорупционерите, Тозија исплатил 35 милиони денари за филмски проекти без банкарска гаранција, повикувајќи се на виша сила.

„Во врска со наводите за исплата на 27 филмски проекти кои биле во завршна фаза, побаравме целосна информација од директорот уште во мај и добивме листа со 29 филмски проекти, а истовремено од Министерството за култура добивме известување дека се исплатени 30-31 проекти. Конечно не може ни да се утврди колку фактички проекти биле исплатени во периодот помеѓу 20 и 23 март“,изјави Владимир Георгиев, член на ДКСК.

 

 

Back to top button
Close