Трајанов: Поддршката на ВМРО-ДПМНЕ за една изборна единица е голем политички блеф

Пратеничката и лидерка ДОМ, Маја Морачанин, вели дека ВМРО-ДПМНЕ барале промени во Изборниот законик заради воведување мнозински систем со 120 изборни единици, а сега велат дека ја поддржуваат идејата за една изборна единица што за неа е големо изненадување

ВМРО-ДПМНЕ прави сериозен политички блеф со тоа што го менува ставот и вели дека е за промени во Изборниот законик и за воведување една изборна единица, смета претседателот на Демократски сојуз и пратеник Павле Трајанов, кој гостуваше во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат.

„ВМРО-ДПМНЕ го прави ова бидејќи смета дека СДСМ ќе се повлече од идејата за промени во Изборниот законик и воведување една изборна единица. Инаку, ако ВМРО-ДПМНЕ со коалиционите партнери и СДСМ со коалиционите партнери застанат цврсто, тогаш отпорот од која било политичка партија ќе се скрши и Македонија ќе биде со една изборна единица“,смета Трајанов.

Пратеничката и лидерка на партијата ДОМ, Маја Морачанин, која исто така гостуваше во „360 степени“, вели дека ВМРО-ДПМНЕ барале промени во Изборниот законик заради воведување мнозински систем со 120 изборни единици, а сега велат дека ја поддржуваат идејата за една изборна единица што за неа претставува големо изненадување.

Сепак, таа смета дека тоа е добро, доколку намерите на ВМРО-ДПМНЕ се искрени, но истакна дека останува отворено прашањето дали опозицијата и натаму ќе бара да постои изборен праг или не, без разлика на тоа што јавно ја поддржа идејата за една изборна единица.

„Изненадување е ваквата промена на ставот од 120 изборни единици, она што барем во јавноста одеше, сега на една изборна единица. Мене ми е драго ако тоа е навистина принципиелно и ВМРО-ДПМНЕ сфатиле дека тоа е потребно, но тука остануваат уште неодговарени прашања во однос на прагот. Ние во изјавите не видовме став во однос на изборниот праг, бидјеќи ние сме јасни – сакаме една изборна единица без праг. Ако се бара праг или некои високи прагови со кои се лицитирааше тоа практично тотално ќе ја обезвредни идејата поради која се поднесува предлогот за една изборна единица и правична застапеност на сите граѓани во Собранието“,рече Морачанин.

По неодамнешната изјава на Трајанов дека воведувањето една изборна единица е услов на неколку партии од мнозинството за продолжување на поддршката на Владата, од ВМРО ДПМНЕ порачаа дека се подготвени да разговараат за оваа идеја ако нејзиното прифаќање води кон предвремени парламентарни избори.

Back to top button
Close