Трајанов сака да ја види програмата на Таравари пред да одлучи дали ќе го прифати за владин партнер

Бараме со програмските барања на АА да се информираат партиите и јавноста. Инаку, не сме подготвени да поддржиме нов партнер во Владата доколку се заканува со дестабилизација, вели Трајанов
Инаку, премиерот Димитар Ковачевски го достави до парламентот предлогот за реконструкција на Владата, а собраниската седница е закажана за в понеделник во 15 часот
Лидерот на Демократски сојуз (ДС), Павле Трајанов, кој е единствен претставник на оваа партија во Собранието и е дел од парламентарното мнозинство, сака да ги види програмските определби на Алијанса на Албанците (АА) пред да донесе конечна одлука дали ќе ја поддржи владината реконструкција.

Во писмо упатено до премиерот Димитар Ковачевски, Трајанов бара партиите и јавноста да се информираат за програмските барања на АА.

„Освен персоналниот состав на Владата, за Демократскиот сојуз и пошироко за јавноста се клучни програмските определби, поради што бараме со програмските барања на АА да се информираат партиите и јавноста. Инаку, не сме подготвени да поддржиме нов партнер во Владата доколку се заканува со дестабилизација, радикализација и реорганизација на Македонија, делејќи ги граѓаните по етничка основа околу најавените уставни промени“,

стои во писмото на Трајанов до премиерот Ковачевски.

Павле Трајанов – претседател на Демократски сојуз
Тој ги повторува и програмските заложби на неговата партија и порачува да се внимава на кадровските решенија при избор/реконструкција на Влада.

„При формирањето (избор или реконструкција) на Владата и покрај тоа што се работи за политичка Влада, да се води сметка за компетентноста на кандидатите, за соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници, како и за имплементацијата на правилото на Бадентер и Балансерот при вработување. На правична застапеност на сите етнички заедници во изминатите 20 години инсистираше ДУИ, но со најавите за новиот состав на Владата нема гаранции дека тоа ќе се почитува“,
вели првиот човек на ДС.

Трајанов забележува и што не се реализирани нивните приоритетите за кои и досега имале усогласени ставови со СДСМ. Тој повторува дека бара една изборна единица, Закон за Агенција за борба против тешки облици на организиран криминал и висока корупција, реформи на судскиот систем, транспарентен скрининг процес, како и формирање на Фонд за млади. За да се спречат партиските влијанија при вработување, тој предлага и да се предвиди казна затвор од 3 години, доколку се злоупотребува позицијата за влијание при вработување.

Инаку, премиерот Димитар Ковачевски веќе го достави до Собранието предлогот за реконструкција на Владата, а собраниската седница е закажана за в понеделник во 15 часот.

Според доставениот предлог, Алтернатива ги губи двата ресора со кои раководи, што ја прави беспредметна најавата дека оваа партија утре ќе соопшти дали ја напушта Владата или се можни поместувања во последен момент.

Back to top button
Close