Трајковски: Омикронот се шири со молскавична брзина!

Денеска бевме сите шокирани од големиот број на новодијагностицирани, сепак, размислувајќи трезвено, бројката е сосема очекувана, со оглед на метежот за Нова година и намалениот број на тестирања поради празникот и викендот, вели професорот по дневна механика Дејан Трајковски.

-Денеска имаме 4 нови докази за доминацијата на омикрон сојот. Прво, стапката на хоспитализираност измината недела нагло опадна, од 6-7% на 4-5%. Како што знаеме, во Јужноафриканската Република, но и во Велика Британија и Данска уште пред неколку недели утврдиле дека омикрон сојот дава полесна клиничка слика, со процентуално помалку хоспитализации и помалку смртни случаи. Како што ќе расте доминацијата на омикрон сојот, не би требало да се изненадиме ако стапката на хоспитализираност опадне на само 2-3%.

Второ, стапката на позитивни тестови започна да се зголемува. Ова е јасен показател за зголемената преносливост на омикрон сојот, којашто за време на доминацијата на делта сојот беше во постојано намалување (како што растеше прележаноста) и истата не зависеше многу од бројот на тестирањата. Оваа стапка не беше многу зголемена ни во предновогодишниот период за прослави.

Трето тестирањата на клиниките покажаа дека заразените од омикрон сојот веќе претставуваат значителен дел од популацијата новозаразени. Од 24 брисеви утврдени се 9 случаи на омикрон сојот. Тоа претставува учество од 37,5%. Поради малиот примерок од само 24 брисеви, интервалот на доверба е прилично широк, од 21% до 57%, за ниво на доверба од 95%.

Четврто, според неделниот извештај на ИВЗ Скопје стапката на реинфекции е поголема за три пати во однос на претходната недела – уште еден доказ дека омикрон сојот е меѓу нас, односно дека успешно го заобиколува стекнатиот имунитет од прележување, вели Трајковски.

Тој додава дека сојот Омикрон се шири многу брзо.

-Иако Омикрон сојот се шири со молскавична брзина, сепак за да стигне до оваа распространетост, симулациите кажуваат дека му требале најмалку дваесетина дена, односно тој влегол во државата десетина дена пред првиот лабораториски потврден случај во Битола. Со заобиколување на стекнатиот имунитет, но и со отпорност кон постоечките вакцини, омикрон сојот не само што му ги презема жртвите на делта сојот, туку инфицира и веќе прележани и вакцнирани, коишто нормално се имуни на делта сојот, вели професорот.

Тој додава дека во наредните 3-4 недели ќе видиме големо искачување на дневните броеви на нови случаи.

-Кај нас бројот на тестирања претставува ограничувачки фактор, но доколку би се тестирало повеќе, при дневна инциденца од 0,35% (колку што моментално има на пример во САД) на врвот од бранот би имале речиси 6.000 случаи дневно. Сепак, слабото тестрање кај нас ќе ни го прикаже само врвот на ледениот брег, односно можеби само 2.000-3.000 случаи на ден.

Можеби така е уште и подобро, заради избегнување на паниката, со оглед на фактот што омикрон сојот сепак нема да предизвика многу хоспитализации и смртни случаи. Сепак, загриженост предизвикува потенцијалното испраќање на многу вработени на боледување, што можеби ќе доведе до пореметување на работниот процес во многу претпријатија и институции, со сите негативни економски последици. Затоа населението сепак би требало да води повеќе сметка за превентивните мерки, а не би било на одмет и државата да воведе рестриктивни мерки. Подобро веднаш, заради ограничување на растот, отколку во февруари (како што направија лани во април), откако бранот веќе помина и бројките спонтано се намалуваа. Целта на мерките е да донесе корист (да ги намали дневните броеви), а не колку да се каже дека нешто се прави, заклучува Трајковски.

Back to top button
Close