Традиција долга 10.000 години – Зошто финците толку си ги сакаат сауните?
Со порастот на популарноста на пливањето во ледена вода, се обнови уште еден стар ентузијазам – дури и фанатизам и совршен пандан на леденото капење на отворено – топлата сауна.
Низ нордискиот регион и пошироко се отвораат нови јавни и приватни сауни, а постоечките се преполни со посетители. Се појавуваат и на големиот екран. Документарниот филм „Smoke Sauna Sisterhood“ на Ана Хинтс, награден на Санденс, следи група жени во традиционалната естонска димна сауна на дрва.
Овие простори се појавуваат во сите облици и големини, од рустикални до луксузни, па дури и хај-тек. Сегашното сауна-лудило не е ништо ново.
Се смета дека почетокот на сауната датира 10.000 години наназад. Првите буквално биле јами ископани во земјата, со куп камења на дното, се загревале со камперски оган.
„Откако камењата се загревале, јамата се покривала со слама или тресет, а потоа врз камењата се истурала вода за да се создаде пареа“, објаснува Далва Ламинмаки, фолклористка и докторантка – истражувачка по културата на сауна на Универзитетот во Источна Финска.
Рани куќи за потење, кои датираат од бронзената доба, се откриени низ Обединетото кралство и Ирска. Сауните и куќите за потење биле распространети и низ древниот исламски свет, како и во домородните култури на Мексико и Северна Америка.
Според студијата на Универзитетот Харвард, традицијата на домородните Американци врзана со ложата за потење вклучувала и церемонии и ритуали, вклучувајќи „обреди на подготовка, молитва и прочистување“. Во Јапонија, „природните пештери се користеле како простот за потење, а тие еволуирале во бањи во храмовите и покрај манастирите“, објаснува Ема О’Кели во својата книга Сауна – Моќта на длабоката топлина (Sauna – The Power of Deep Heat).
О’Кели пишува дека „секоја култура, низ секоја доба, уживала во свој сопствен облик на бања. Од отоманскиот амам и мајанскиот темаскал до јапонскиот муши-буро и кама-буро, преку бањите на Русија до сауните во Финска, терапијата со топлина го издржала тестот на времето, нејзината популарност растела и опаѓала, но географски секако се ширела. Многу луѓе овие денови ја третираат сауната како најнов додаток во грижата за себе – заедно со јогата, масажата и третманите за лице – совршена контратежа на напорниот начин на живот во 21-от век.
Низ историјата, нивната улога била далеку покомплексна од создавањето чувство на благосостојба и место за релаксација. Биле место за миење, се користеле за готвење, сушење лен и ‘рж, правење сапун, перење алишта, грижа за болните, миење на мртвите пред погребот и породување, објаснува Ламинмаки.
„Сауната била и место за спиење и за средба со некого во тајност, а улогата на неделната сауна била да ги исчисти луѓето за црквата и да го одбележи преминот од една во друга недела“, додава таа.
Духовниот аспект на сауната бил многу важен. О’Кели во својата книга објаснува дека, древните Финци, како и Индијанците, ги обожавале четирите елементи – воздух, вода, оган, земја – во сауната.
„Таа била микрокосмос од трите нивоа на универзумот: горното царство, небесниот свет; средното царство, Земјата и подземјето на мртвите. Нејзиниот основен симболизам ги реплицира циклусите на раст, меѓусебно поврзување и симбиоза, со крајна на трансформација, подигната свест и подмладување.
Сауната во Финска била важен дел од народното лекување“, вели Ламинмаки, „Била стерилна, топла и приватна, а луѓето веруваа дека е „полна“ со моќта на предците и божествата. Сауната не била само зграда, таа била лиминално место, простор помеѓу овој и другиот свет“.
Голем дел од митологијата за сауната се појавува во Калевала (стар фински еп) и во финските руни. „Поемата создаде трајна основа за сауната како клучен симбол на финскиот идентитет“, пишува О’Кели, „и не е невообичаено да се видат боговите и божиците од Калевала врежани во вратите и прозорците на сауната“.
Оваа идеја за духовниот свет се проширува и преку ликот на Саунатонту, едноокиот елф за кој се вели дека проверува дали луѓето се однесуваат правилно во сауната. Децата секогаш мора да се однесуваат со почит во сауната за да не го вознемират Саунатонту.
Сепак, придобивките од сауната не биле секогаш ценети. „Во 1890 година во Финска народното исцелување било прогласено за нелегално, а зборувањето за духовни или натприродни практики во сауна станало табу“, пишува О’Кели.
„Тогаш верувањата и обичаите врзани со сауната се пренесувале тајно, од постари жени, чуварки на лековитоста на сауната”
Духовно и практично
Оттогаш, некои современи Финци и други со културна историја поврзана со сауната, како скандинавските соседи, балтичките нации и Русија, почнуваат да ја ценат оваа комбинација на духовно и практично.
И иако се смета дека финскиот збор сауна доаѓа од самискиот збор soudnje, што значи „јама во земјата“, Финците не се единствени кои ја “поседуваат”историјата на сауната. Во Естонија, на пример, сауната исто така, е културно наследство. Во 2013 година, естонската сауна беше ставена на Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото. Овие се типично дрвени колиби без оџак, каде што камењата се загреваат на отворен оган за да се добие конретна смирувачка арома.
Во Финска, сауната е „еден од клучните национални симболи“, вели Ламинмаки, токму затоа што и денес е секојдневен ритуал за Финците, со 3,3 милиони сауни во земја со 5,5 милиони жители. „Секојдневните практики се релевантни за националниот идентитет, исто така, затоа што со текот на времето тие формираат заедничко разбирање за културата и за тоа што значи е да се биде граѓанин на една земја“, додава таа, „Се вели дека сауната создава основа за разбирање каква финската култура”.
Во 2020 година, финската сауна стана дел од листата на УНЕСКО. УНЕСКО одлуката ја образложи наведувајќи дека „културата на сауна е составен дел од животот за мнозинството од населението, а повеќето луѓе своето прво искуство со сауна го имаат уште како бебиња”.
Концептот на финска сауна е исто така и произод на 500-годишната филозофија на сису, која авторката од Хелсинки, Катја Панцар ја опишува во својата книга „Наоѓајќи ја Сису“, како „уникатна финска сила на волјата, решеност да не се откажуваш или да извереш лесен излез“. Таа смета дека неофицијалното мото на земјата е, „Сису, сауна и Сибелиус“ е „наменет да ја сумира суштината на земјата и нејзиниот идентитет“. Сибелиус се однесува на Жан Сибелиус, големиот композитор од 20-тиот век и автор на патриотската химна на Финска.
Концептот Сису бил прифатен во 1917 година „откако земјата стекнала независност [по повеќе од 100 години руско владеење, на кое и претходеа шест века владеење од Шведска] и сè уште се смета за „ социјален лепак кој го држи финското општество заедно“, пишува О’Кели. Финците се стремат кон сису, особина на личноста што ви е важна кога живеете во толку студена клима со долги зими. Може да ве мотивира кога, на пример, од пливање во ледена вода се препуштате на топлината на сауната. Новооткриената популарност на сауните и на пливањето во ледена вода го претвори саунскиот туризам во атракција број еден во Финска. Хелсиншкиот Löyly, отворен во 2016 година, привлекува повеќе од 200.000 посетители годишно.
Но, Ламинмаки истакнува дека оваа ренесанса на сауна понекогаш игнорира еден од најважните квалитети на искуството во сауна: „Сауната е место на еднаквост. Ги поздравуваме сите родови и сексуалности, сите тела. Сауната прифаќа тела со една града, телата со една нога, тела кои остареле. Сауната сака луѓе кои се сиромашни, луѓе кои немаат работа, луѓе со седум деца и луѓе без деца. Сауната е место за интроверти – во ред е ако не сакат да зборуваат – тоа е место за друштво на осамени луѓе и место за време за самите себеси.
Извор:BBC
Превод: Лени Фрчкоска