Трагедија во Берлин – тешка стаклена врата уби 5-годишно дете

Петгодишно момче почина утринава во Берлин, кога тешка стаклена врата во градинка се скрши и падна врз него. И покрај брзата интервенција на службите за итни случаи, детето не можеше да се спаси.
Тешката несреќа се случи во градинката „Адлеркикен“ во населбата Нидершенвајде.
Според берлинската полиција, несреќата се случи околу 10:15 часот кога вратата од терасата што води кон игралиштето на отворено одеднаш се сруши кон внатрешноста на зградата. Детето во таа прилика претрпе смртоносни повреди, според германските медиуми.
Во интервенцијата учествуваа повеќе од 20 припадници на противпожарната служба, како и неколку медицински екипи кои безуспешно се обидоа да го реанимираат момчето. На местото слетаа и два хеликоптери за брза помош.
Полицијата брзо го обезбеди местото на настанот, додека оштетениот влез на терасата беше привремено затворен со дрвени штици.
Криминалната полиција започна истрага за смртта на детето за да утврди дали станува збор за техничка грешка или за евентуално неправилно користење на вратата.
„Ова е исклучително трагичен настан. Истрагата ќе утврди дали несреќата се случила како резултат на технички дефект или грешка во ракувањето“, изјави портпаролот на берлинската полиција.
Родителите и вработените во градинката беа видливо потресени од настанот, па им беше укажана психолошка помош.






