Трагедија во Индонезија: 36 ученици загинаа при уривање на верско училиште – Скопје1.мк
Бројот на ученици чии животи згаснаа по уривањето на зградата на исламскиот интернат во Индонезија се искачи на 36, соопшти денеска Агенцијата за управување со катастрофи. Пред само два дена бројката изнесуваше 16.
Потрагата по исчезнатите продолжува веќе седми ден по ред. Спасувачите сè уште ги бараат телата на 27 ученици, најмногу тинејџери на возраст од 13 до 19 години, за кои се претпоставува дека се заробени под урнатините.
Од Агенцијата информираат дека потрагата и евакуацијата се завршени околу 60 проценти и дека очекуваат расчистувањето на сите остатоци и завршувањето на операцијата до понеделник. На терен се распоредени кранови и друга тешка механизација за отстранување на урнатините.
Несреќата се случи минатиот понеделник во градот Сидоарџо, во покраината Источна Јава, кога се урна зградата на верската училишна установа „Ал Хозини“. Зградата се срушила во моментот кога стотици ученици се собирале за попладневната молитва. Според првичните информации, темелите не можеле да ја издржат тежината на дополнително надградената конструкција на четвртиот кат.
Во петокот, спасувачките тимови добија дозвола од родителите на учениците да употребат тешка механизација, откако претходните денови не биле пронајдени никакви знаци на живот. Тие копале тунели низ урнатините, повикувајќи ги учениците по име и користејќи сензори за движење, но без успех.
Извор: skopje1.mk