„Трагедијата во ‘Пулс’ ѝ го одзеде животот брутално и прерано“, но Сања Христова од Облешево живее во спомените на сите
Поминаа седум месеци од трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, но спомените за Сања Христова од Облешево не избледуваат.
Сања, која беше жртва на фаталниот пожар, имаше само 25 години. Таа беше дипломиран психолог на Славјанскиот факултет, со искрена желба да им помогне на луѓето. Нејзината мајка, Ангелина Христова, во изјава за Канал 77 вели дека Сања имала неверојатна способност да ги разбира луѓето тивко и без осуда.
„Таа ги разбираше луѓето со зборови што лечеа. Секогаш стоеше на страната на најранливите – осамените, отфрлените, најмалите,“ вели Ангелина.
Во нејзините зборови се чувствува и болка и гордост: „Покрај хуманоста, Сања беше љубопитна и отворена кон светот. Работеше и во странство, сакаше да научи, да види нови нешта. Имаше соништа исполнети со љубов, надеж и желба за подобар свет.“
Особено ја обожуваше природата и животните, а кучињата беа нејзина најголема љубов. „Секое напуштено или изгубено куче за Сања беше повик за акција, за грижа и љубов,“ раскажува нејзината мајка.
Трагедијата што се случи во Кочани ѝ го одзеде животот брутално, неправедно и прерано. Но нејзиниот дух не може да се избрише. Сања живее понатаму – во секое спасено куче, во секој топол збор што некогаш го кажала, во секој спомен што ги грее срцата на оние што ја познаваа.
„Сања не е само жртва. Таа е симбол на добрината што светот ја бара. Љубовта што ја ширеше нема крај. Таа е жива – во сите нас,“ додава Ангелина Христова за Канал 77.