Трагичен инцидент во Хелсинки – пратеник се самоуби во парламентот во Финска

Финска јавност е потресена од трагичен инцидент што се случи денеска во зградата на парламентот во Хелсинки, каде што еден од избраните претставници си го одзел животот. Настанот се случил околу 11 часот претпладне, потврдија службите, кои истакнаа дека е регистрирана една смрт, а полицијата не гледа елементи на насилство.
Медиумите во Финска наведуваат дека станува збор за пратеник, но неговото име засега не се објавува додека не бидат известени членовите на семејството.
На местото пристигнале повеќе екипи на итната помош и полицијата, како и противпожарно возило. Очевидци за локалните медиуми изјавиле дека најпрво со вклучени сирени пристигнала амбуланта, по што пред парламентот дошло големо противпожарно возило, полициско комбе, а потоа и оклопен полициски „мерцедес“.
Финската јавна радиодифузна служба Yle пренесе дека во парламентот веднаш била покрената координирана акција на спасувачките служби.
Директорот на полицијата, Аро Тоивонен, за медиумите изјави дека сите служби за итни интервенции се на лице место, но дека во овој момент не може да даде детали. „Парламентот е специфична институција и нормално е вакви ситуации да бидат проценети со дополнителна претпазливост додека сè уште е нејасно,“ изјави Тоивонен, без да ги потврди или негира медиумските написи дека починатиот е пратеник.